Skip to main content

Во Струга пријавени девет кандидати за Градоначалник, во Охрид четири

Најголем интерес, од општините во Југозападниот регион, е забележан во Струга каде до општинската изборна комисија се поднесени 9 кандидатури за градоначалник и 10 листи за членови на Советот на градот. Таму се поднесени и најголем број кандидатури од група избирачи. Кандидатски листи треба да бидат проверени и потврдени најдоцна на 20 септември по што Државната изборна комисија јавно ќе ги објави.
 |  инфодеск  |  ,

Тече проверката на поднесените кандидатури за градоначалници и листи на советници за претстојните Локални избори.

Како што информира Општинската изборна комисија, во Охрид поднесени се вкупно 4 кандидатури за градоначалник. Три од нив се на партии, а една од група избирачи.

Поднесени се вкупно 11 кандидатски листи за членови на советот на град Охрид, од кои 7 се од политички партии и 4 од група избирачи.

Во Струга, според информациите од Општинската изборна комисија, поднесени се 9 кандидатури за градоначалник од кои 5 од група избирачи, а 4 од политички партии. За членови на струшкиот Совет понесени се 10 кандидатски листи од кои 7 се од политички партии, а 3 се независни.

Во Општина Дебрца поднсени се 5 кандидатури за градоначалник од кои 3 кандидатури од политички партии и двајца независни кандидати. За советот поднесени се вкупно шест кандидатски листи од кои 4 од политички партии а две листи од група избирачи.

Во Вевчани поднесени се три кандидатури за градоначалник и 4 кандидатски листи за советници. Во оваа општина нема ниту една кандидатура од група избирачи.

Согласно роковникот за локалните избори 2025 година, откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа со кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдоцна на 20 септември 2025 година.

По завршувањето на овој процес, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини што ќе учествуваат на изборите. Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.