Голф теренот во Охрид – атрактивна туристичка понуда и рекреативен центар за локалната заедница
Теренот за голф во Охрид полека но сигурно станува атрактивна туристичка понуда и рекреативен центар за локалната заедница. Крсте Василев иселеник во Канада , по потекло од Битола, секое лето доаѓа на одмор во Охрид. Откако дознал дека се подготвува голф терен постојано следел на интернет до каде е реализацијата и ова лето станал член на голф клубот.

Скоро секој ден Василев по неколку саати е на теренот во поранешна касарна. Голфот е игра за луѓе кои сакаат да бидат постојано физички активни без голем стрес за телото и психички опуштени, вели Крсте и додава дека е многу среќен што може да ужива во овој спорт во убавиот Охрид.

„Тоа е игра во која од 8-9 години, еве внуката моја почнува да игра од 9 години, па до 80-90 години, еве јас имам 81година и се уште се натпреварувам. За овај град овој терен е супер. Зошто е така? Затоа што луѓето можат да дојдат и да уживаат во оваа игра која за нив е нешто ново. Игралиштето воопшто не сакам да го споредувам со други, затоа што ова е почеток. Секој почеток има свои проблеми, треба доста труд да се вложи од оние кои го организираат и треба сите установи да им помогнат да одат напред.“ – вели Василев.


Василев вели дека голф теренот е додадена вредност на туризмот во Охрид. Се надева дека со поддршка на надлежните и воопшто заедницата тој ќе се развие во терен од 9 дупки.
„И не е толку важно што ќе има повеќе голфери, повеќе туристи, важно е што ќе имаме поквалитетни туристи, оние кои бараат нешто на малку повисоко ниво. А на охриѓани јас им порачувам што побрзо да се зачленат затоа што нема подобар спорт од овај, посебно за децата. Сакам да апелирам до сите охридски установи и граѓаните да го помагаат овој клуб и да го чуваат затоа што ова е раѓање на нешто ново што историјата ќе го запиши.“ – вели Василев.

Голф теренот во Охрид го стави градот на мапата на туристички дестинации за љубителите на голфот од сите страни на светот. Јаро Ернека, кој е роден во некогашна Чехословачка, а живее во Аргентина, патувајќи низ Европа го откри Охрид како нова голф дестинација.

„Секогаш каде и да одам каде и да патувам барам да има можност да играм голф. Многу сум среќен, барав на интернет и најдов дека во Охрид има голф терени каде може да играм и навистина овде најдов второ семејство.“ -вели Јаро Ернека турист од Аргентина.
Голф игралиште со 6 дупки, драјв ренџ, putting green, голф академија со сертифицирани инструктори, достапна комплетна опрема, индивидуални или групни обуки и тренинзи, клубска куќа, кафе бар Гибли се содржини кои просторот во поранешна касарна го трансформираа во атрактивна локација не само за голфери од земјава и странство, туку и локални рекреативци од сите возрасти од 7 до 77 години.


Без оглед дали сакате да станете голфер, само да се забавувате или едноставно ви треба ментална релакцасија од секојдневниот стрес, голфот е совршена игра за широк спектар на луѓе, без оглед на возраста или вештината, вели Александар Гоџо, член на Голф клуб Охрид и инструктор.

„ Ова е навистина нешто каде вие играте против себе , против природата, против другите, меѓутоа заедно со нив уживате во зеленило, во чист воздух , едноставно се декомпресирате на некој начин од секојдневните обврски. Ова е перфектен спорт за тоа да го направите бидејќи не ви треба никој друг околу вас, можете сами да играте, можете да играте тимски, групно, меѓутоа на крајот на денот сè се сведува на индивидуалната можност и спремност вие да се опуштите во суштина и ова воопшто не е елитистички спорт како што го пропагираат многумина, ова е еден сосема едноставен спорт како и сите други со тоа што додадена вредност е зеленило, трева , чист воздух, пријатно друштво.“ – вели Гоџо.

Голф клубот Охрид придонесува голфот како спорт поединци и компании да го усвојат во својата деловна или животна филозофија. Голф терените со пропратните објекти се повеќе се користат и како одлично и уникатно место за дружење и активност на отворено на пријатели, колеги или семејството преку комбинација на голфот со тим билдинг, забави и социјални настани.

„ Голфот како активност е во многу блиска корелација со она што се бара на работното место како трпение, фокус, физичка, ментална, техничка подготвеност и практично низ вежбите и активностите тука понатаму ги поврзуваме сите нови искуства со работното место. Овие активности треба дирекно да придонесат кон зголемување на продуктивноста на секој од учесниците, а исто така и поголемо зближување меѓу учеснците, дружење, забави и дополнителна енергија и мотивација на работното место да се даде максимумот.“ – вели Наташа Ивановска основач на Инсајд груп, компанија за развој на човечки ресурси со 13 годишно искуство.

Првиот голф терен во Охрид и единствен од ваков вид во Македонија, претставува значаен ресурс за промоција на градот како дестинација за високо квалитетен туризам. Изграден е во 2023 година на 3,5 хектари, како резултат на ентузијазмот и ангажманот на голф клубот и со поддршка на локалната самоуправа и ресорното министерството.






