Словенија официјално достави понуда до Хрватска за заедничка изградба на втора нуклеарна централа во Кршко, но содржината на предлогот значително отстапува од сегашниот модел за постојната нуклеарна централа, каде што двете земји имаат еднаков удел од 50 проценти.
Според хрватските медиуми, Хрватска мора да одговори до крајот на септември или најдоцна почетокот на октомври. Словенечката Влада и понудали само 25 проценти сопственост на Хрватска, пишува Нови лист. Покрај тоа, хрватскиот партнер нема да има право да учествува во донесувањето клучни одлуки. Другата четвртина би ѝ припаѓала на словенечката државна компанија ГЕН, додека словенечката влада би имала контролен удел од 51 процент.
Најспорната ставка е дека Хрватска, и покрај сосопственоста, би била спречена да земе дел од произведената енергија. Наместо тоа, би добивала само една четвртина од профитот од продажбата на електрична енергија, која би се распределувала исклучиво на словенечкиот пазар.
-Хрватската страна мора категорично да го отфрли таков предлог, како од маќеа, изјави Давор Гргиќ, претседател на Хрватското нуклеарно друштво. Тој нагласува дека целта на Хрватска не е профит, туку снабдување со електрична енергија со која државата би можела, на пример, да ги субвенционира сметките на социјално ранливите граѓани.
Минатата недела, министерот за економија Анте Шушњар рече дека „би сакал нуклеарна централа да никне на хрватска почва“. Можноста за изградба на нуклеарна централа на местото на сегашната термоцентрала Пломин, која мора да се затвори до 2032/33 година, беше спомената и во Парламентот утрово.