Во болницата „Свети Еразмо“ успешно изведена хируршка реконструкција на дефект на главата со РММА имплант
Од ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ информираат дека успешно извршиле хируршка реконструкција на дефект на левата челно-слепоочна регија од главата кај 26-годишен пациент повреден пред 3 години во странство, каде првично му била пружена прва помош која што се состоеше и во отстранување на интракранијално крвавење.
-На приемот во нашата болница имаше знаци за инфекција на претходно извршената оперативна интервенеција на главата, по што се донесе одлука за отстранување на коскениот капак за санација на инфекцијата. По резолуција на инфекцијата кај пациентот се оформува евидентен коскен дефект во левата челно-слепоочна регија. Евентуално реконстуктивна корекција на дефектот доаѓаше во предвид по минимум 6 месеци слободен период без знаци за локална инфекција. Поради уникатната форма на дефектот, традиционалните, комерцијално достапните решенија не беа соодветни (рачно моделирање на биолошки цемент за изработка на нов коскен капак), се вели во соопштението од болницата.
Во нивното соопштение се додава и дека со помош на експертизата на д-р Стефан Арсенков и најновите достигнувања во технологијата за 3D печатење во нашата земја 3DLoom, тимот стручњаци од болницата успеа да дојде до решение кое целосно одговарало на потребите на пациентот.

Инаку, PMMA долго време претставува префериран материјал за употреба при краниопластика поради неговата достапност, леснотијата во обликувањето и механичката стабилност, а краниопластиката со употреба на високотехнолошки, персонализирани 3D калапи за PMMA импланти може да биде ефикасна и нискобуџетна процедура. И покрај достапноста на други материјали за кранијална реконструкција, PMMA овозможува одлични симетрични и естетски резултати, што го прави одлична опција, особено погодна за примена во земјите во развој.