Денеска започнува есента
На северната хемисфера, есента официјално започнува денес во 18:19 часот. Со овој момент, познат како есенска рамноденица, денот и ноќта речиси целосно се изедначуваат.
Астрономски гледано, рамноденицата претставува момент кога Сонцето ја преминува линијата на небесниот екватор и се спушта кон јужната хемисфера. Оттука, сончевата светлина постепено ќе слабее, деновите ќе стануваат пократки, а ноќите подолги.
Есенската рамноденица отсекогаш била симбол на промена, рамнотежа и почеток на подготовките за студените месеци што следуваат. Сонцето ќе продолжи да се движи пониско на небесната купола, сè до зимската краткоденица, кога ќе ја достигне својата најниска точка.
Есента ќе трае до 21 декември во 10 часот и две минути, кога календарски започнува зимата.