Skip to main content

МВР од денес ќе ги казнува пешаците со слушалки или телефон во рака

Законот ги обврзува пешаците да се движат внимателно и без користење уреди кои можат да го намалат вниманието при преминување улица или велосипедска патека.
 |  инфодеск  | 
people, cyclists, crossing, street, cycling, biking, bicycles, pedestrians, road, transport, urban, city

Од денеска започнува примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Истиот предвидува парична казна од 40 евра доколку преминувате пешачки со мобилен телефон на уво или во рака, а казна од 50 евра ако возите тротинет, мотор или трактор со користење електронски уред.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата велат дека законските измени се усвоени за да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

-Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистети, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието, посочуваат од Советот и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат новите правила.

Во повеќе европски земји ваквите правила одамна се воведени – во Франција казната за користење тротинет на тротоар е 135 евра, во Литванија пешак со телефон на пешачки плаќа до 40 евра, а во Данска и до 140 евра.

Од Нова година се најавуваат и поригорозни казните за возачите кои ќе поминат на црвено или непрописно ќе паркираат, а кои ќе се „ловат“ со камерите на проектот „Безбеден град’.