Skip to main content

Интеграција на македонскиот пазар на капитал со пазарите во Југоисточна Европа

​Во Охрид денеска започна 24-тата Годишна конференција на Македонска берза. Традиционалниот настан собра на едно место 240 учесници и 36 говорници од седум држави, од финансискиот и корпоративниот сектор, инвеститори, институции и академската заедница. Во фокусот се значајни теми, како: македонските и регионалните економски перспективи, важноста на малите берзи, можностите и предизвиците за раст на домашни компании, развојот на пазарот на капитал.
 |  Маја Савиќ  | 

Во Охрид, денес започна 24-та традиционална годишна конференција на Македонската берза, која повторно собра значаен број учесници од финансискиот и корпоративниот сектор, инвеститори, институции и академската заедница.

Македонска берза и во 2025-та функционира доста добро, и после ланската која беше најдобра година во последната деценија,,“ изјави Главниот извршен директор, Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.

Имаме вкупен промет по сите основи од околу 100 мил. евра, ако се спореди со ланската година која беше најдобра година во последната деценија, лани во првите девет месеци имало 106 мил евра промет, така што прометот е на ниво на ланската година, што е добро постигнување. Ценовните движења продолжија со бавен пораст, индексот главен МБИ-10 оваа година е пораснат за 2,5% но да се потсетиме дека индексот расте во континуитет и на пример ако го споредиме со предпандемиската 2019 е пораснат за 125% што е одлична перформанса. Тоа покажува, како и на другите глобални пазари, дека иако живееме во време на геополитички турбуленции и одредени макроекономски предизвици, инвеститорите и берзите се резистентни и не се одразува тоа негативно на нивното работење. – истакна Главниот извршен директор на Македонска берза – АД Скопје, Иван Штериев.

Македонска берза останува со најдобри статистички перформанси во регионот на Западен Балкан. Но и понатаму иницијални нови понуди и издавање на нови хартии од вредност, пред се акции од корпоративниот сектор е главниот развоен предизвик за македонската како и за многу берзи во поширокиот регион. Потребно е координирано делување на повеќе институции вклучително државата, приватниот сектор, коморите за да се стимулираат компаниите да обезбедуваат неопходен капитал преку издавање хартии од вредност.

“ Банкарското финансирање кај нас е релативно лесно, хиперликвиден е банкарскиот сектор и тоа во услови на нормални околности е очигледно доволно за компаниите, но треба компаниите секогаш да имаат во предвид дека во услови на некакви шокови, а видовме во последните години нели пандемијата, инфлацијата, цените на енергенсите, во дадени такви ситуации треба да имате поголема капитализираност на компаниите, оттука да заклучам комбинација на едукација, стимулации и потсетување дека не е секогаш добро да зависите толку од должничко финансирање. – кажа Штериев.

На Македонска берза котираат околу 90 компании, но поголемиот дел од тргувањето е концентрирано во 20 до 30 компании.

Заживувањето на пазарот на капитал е целта на која активно работи Министерството за финансии во последниот период и во таа насока голем исчекор е вклучувањето на Македонска берза, како единствена берза од земја која не е членка на ЕУ во новиот интеграциски проект на Европската банка за обнова и развој со поддршка од Европската Комисија.

„Пред повеќе од еден месец потпишавме еден меморандум за соработка со седум земји членки на ЕУ и ние како осма земја која што не е членка со цел интегрирање на пазарите на капитал во Југоисточна Европа. Активно се работи на тој процес и верувам дека во периодот којшто следи навистина преку промени во даночната легислатива но и заедничко работење со Македонската берза ќе успееме полека да го заживуваме пазарот, јас би рекла во насока на обезбедување на дополнителни средства за компаниите како извор за финансирање преку издавање на акции и обврзници. – изјави Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Оваа година на конференцијата во Охрид околу 240 учесници од финансискиот сектор, вклучувајќи банки, инвестициски и пензиски фондови, брокерски друштва, како и регулатори, академици и 36 говорници од седум држави ќе елаборираат и дебатираат на значајни теми, како: македонските и регионалните економски перспективи, можностите и предизвиците за раст на домашни компании, развојот на пазарот на капитал, важноста на малите берзи и трендовите во дигиталната трансформација на компаниите.