Skip to main content

Црвен крст Охрид

Во сабота ќе се одржи хуманитарната и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.
 |  инфодеск  | 

Црвен крст Охрид и оваа година со најава на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ која ќе се реализира во сабота, на 4 октомври.

-Настанот ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија-пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија-пред Центар за култура „Григор Прличев“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. Како новина оваа година од 14 ч. на Градскиот плоштад „Климент Охридски“, посетителите ќе можат да уживаат во музичките изведби на охридските бендови „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“, велат од општинската организација на Црвен крст.

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 20 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и друго) и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри.

Организаторите додаваат дека традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.