Д-р Асен Шајн: Ќе работам со интегритет, транспарентно и отчетно
Одлучив да се кандидирам за градоначалник бидејќи верувам дека нашиот град заслужува чесно и храбро водство, заслужува луѓе коишто слушаат и постапуваат. Живеам во Охрид веќе 39 години, моето семејство влече корени пред повеќе генерации, тука сум професионално ангажиран, тука оформив семејство и тука ја гледам нашата иднина, вели во обраќањето д-р Асен Шајн, кандидатот за Градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата. Охрид е посебен и познат во светот по многу нешта, во Охрид живееле, живеат и ќе живеат вредни, храбри и истрајни луѓе и Охрид може многу подобро, порачува Шајн.
Премногу улици се запуштени, локалните бизниси имаат потешкотии, јавната безбедност е на многу ниско ниво, а гласот на граѓаните нема кој да го чуе, посочува Шајн и потенцира дека тоа мора да се промени.
„Во текот на кампањата ќе ги слушните сите мои проекти кои се обврзувам да ги остварам јас заедно со мојот тим. Ќе се посветам на унапредувањето на локалната инфраструктура, Охрид ќе добие модерни сообраќајници, квалитетно водоснабдување, современ систем за одведување на отпадни води и функционално јавно осветлување. Ќе инвестираме во секоја населба, во секое населено место.“ – потенцира Шајн.
Услови за развој на локалната економија и уредена деловна зона, ефикасно управување со јавните претпријатија и подобри комунални услуги за граѓаните, најавува Шајн. Во областа на образованието, вели дека ќе обезбеди подобри услови за настава, развој на училишната инфраструктура, поддршка на наставниот кадар и талентираните ученици.
„Ќе спроведам политики за почиста животна средина, со фокус на управуање со отпадот , уредуванње на јавните површини и заштита на природното богатство со кое располагаме. Но, најважно од сè, ветувам дека ќе работам со интегритет, транспарентно и отчетно. За мене сечиј глас ќе е важен, секој ќе може да ми се обрати зашто Охрид му припаѓа на секој од нас.“- потенцира во обраќањето д-р Асен Шајн.
Оваа кампања не е само моја, туку наша заедничка, за нашата заедница, нашите деца, нашата иднина, порачува Асен Шајн кој на избирачкото ливче е под реден број 5 од Коалицијата предводена од СДСМ која кампањата за локалните избори ја води под слоганот „Се бориме за нашиот дом“.