Охрид забрзано старее, потребна е поголема социјална инклузија на лицата над 65 години и Дом за стари лица
Населението во Охрид и во Македонија забрзано старее. Вкупниот број на население над 65 години во Македонија е нешто над 315.000 жители, додека бројот на новородени се намалува. Во Охрид, според податоците од последниот попис, од вкупно население 51 428 жители, 10 634 жители се на возраст над 65 години или 20%. Во Општина Дебрца од 3719 жители, 1015 се на возраст над 65 години или 27%. Овој тренд, дефиниран како стареење на популацијата, наметнува зголемена потреба од услуги за постарите лица пред се здравствени, економски и социјални.

„ Во последните години има доста креативни идеи, иновативни активности и услуги коишто се насочени токму кон оваа популација се со цел да се подобри нивниот живот после 65-тата година. Пример за такви иновативни идеи и услуги се социјалните услуги кои се наменети токму за стари лица , тука спаѓаат услугите за помош и нега во домот и личната асистенција на лица со попреченост, дневните центри за престој на стари лица, групите за поддршка, групата на старилица Најди време која функционира во рамки на Црвен Крст Охрид , наменскиот транспорт за стари лица. Исто така во рамки на Црвен Крст на државно ниво функционира иновативната услуга „Итно копче“ кое претставува начин за брза превентивна интервенција кај стари лица во нивниот дом.“ – вели м-р Ранко Раткушиноски од Црвен крст Охрид.
Црвен крст Охрид спроведува најразлични услуги за стари лица со цел подостоинствен и квалитетен живот на старите луѓе и дава придонес и активно се вклучува во креирање на политики за старите луѓе во локалната заедница. Денеска со низа активности во Едукативниот центар во Велестово под мотото „Застапување за здраво и инклузивно стареење“ го одбележа 1-ви Октомври, Меѓународниот ден на стари лица. Воедно програмата за грижа за стари лица „НАЈДИ ВРЕМЕ“ при Црвениот крст одбележува 10 годишен јубилеј.

Оваа група која брои 10-тина оперативци, и 20-тина лица кои се секогаш подготвени да бидат волонтерски ангажирани, дава услуги и се грижи за други стари лица на кои им е потребна помош, вели волонтерот и координатор на групата, Љупчо Милкоски. Тој порачува дека по 65 година луѓето не треба да се изолираат од општетсвените текови, туку напротив заедницата да го користи нивниот капацитет од знаења, искуства, вештини.
„ Мојата порака е да се искористи тој капацитет на старите лица. А што значи тоа? Во таа група луѓе , мажи , жени, има различен состав од интелектуалци до луѓе кои имаат разни способности започнувајќи на пример од земјоделие. Луѓето според тој капацитет треба да се повикуваат, треба да се ангажираат, да се консултираат за одредени дневни и стратешки активности. Тие умови не треба да згаснат треба да се користат, да се активираат за развојните активности на општината, на државата.” – вели Милкоски – волонтер Црвен крст Охрид.
Волонтерите од групата за грижа за стари лица при Црвен крст Охрид се надеваат дека за брзо време во градот ќе профункционира Дневниот центар за активно стареење. Она за што апелираат и го иницираат долго време е изградба на Дом за стари лица.
„Ние не говориме за Дом за стари лица во приватен аранжман, туку ние говориме за Дом за стари лица како можност за сите стари лица под државна капа , што законот го дозволува, го решил тоа. Таа потреба и за Охрид , и за целиот регион е и тоа како голема и неопходна. Дел од семејствата и пред години но и сега старите лица ги праќаат во домови во Битола, во Неготино , Скопје и тн.“ – потенцира Милкоски.
Според податоците на Обединетите нации, Македонија ќе доживее брз процес на стареење на населението во следните децении. Проекциите предвидуваат дека до 2030-та година популацијата над 65 годишна возраст ќе биде двојно поголема од младата популација на возраст од 15 до 24 години.