Skip to main content

Денеска во Охрид започнува 10-от јубилеен состанок за ретки болести во Југоисточна Европа 

Посебен фокус ќе биде ставен на педијатриските аспекти на ретките болести, со цел да се обезбеди подобра поддршка за најмладите пациенти.
 |  инфодеск  | 

 Од денес до недела во Охрид, ќе се одржи јубилејниот 10-ти состанок на Македонското здружение за ретки болести (10th ANNIVERSARY MEETING OF RARE DISEASES IN SEE).

Како што информираат организаторите, состанокот ја одбележува својата десетгодишнина, што претставува важна пресвртница во заедничките напори за подигнување на свеста и подобрување на квалитетот на живот на лицата со ретки болести во регионот, а на настанот ќе присуствуваат претставници на лекарски здруженија, пациентски организации, експерти и истражувачи од земјите во соседството, но и од Германија, Белгија, Турција, Англија и други.

-Целта на состанокот е да се разменат искуства и најновите научни достигнувања во дијагностицирањето, третманот и менаџирањето на ретките болести, како и да се дефинираат идните стратегии за подобрување на грижата за пациентите, велат од Македонското здружение за ретки болести.

Посебен фокус ќе биде ставен на педијатриските аспекти на ретките болести, со цел да се обезбеди подобра поддршка за најмладите пациенти. Меѓу клучните теми на дискусија ќе бидат раната дијагностика и скрининг, напредните терапии и клинички истражувања, но и регионалната соработка и размена на знаења.

Јубилејното издание на состанокот во Охрид претставува одлична можност за зајакнување на регионалната мрежа на експерти и за подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести.