Skip to main content

Утре на градскиот плоштад и на кеј ќе има забава, игри и награди во акцијата „За посреќно детство“ во духот на хуманоста и здравите навики

По 17-ти пат градскиот плоштад ќе ги собере сите оние кои сакаат да се дружат, да играат, да бидат хумани и да уживаат во забава годинава надополнета со музички настапи на локални бендови.
 |  Маја Савиќ  | 

Утре ќе се одржи традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ во организација на охридскиот Црвен Крст. По 17-ти пат градскиот плоштад ќе ги собере сите оние кои сакаат да се дружат, да играат, да бидат хумани и да уживаат во забава годинава надополнета со музички настапи на локални бендови.

„Целта на оваа акција е да се поттикне спортскиот дух кај младите, да се поттикне хуманоста, грижата едни за други, солидарноста, сето она што ги краси црвенокрсташите и тоа треба да биде исто и за нашиот град. Оваа акција е предвидено да започне во 11 часот утре со главната трка од ревијален карактер, на која сите кои што ќе дојдат, млади и возрасни, целта е да стигнат од стратот пред х. Палас на Кеј Македонија, до целта пред ЦК „Григор Прличев“ каде ќе бидат доделени награди коишто на некој начин ги поттикнуваат здравите животни навики. – кажа на денешната прес конференција претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков.

Пред Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. Со купување на учеснички број кој чини 50 денари секој кој сака ќе може да учествува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри.. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.

„Ја користам оваа прилика да ги поканам сите охриѓани, гости, сите хуманисти, сите луѓе кои сакаат да водат здрав живот да дојдат на градскиот плоштад и да бидат дел од оваа акција. Она што ние можеме со сигурност да кажеме е дека ќе понудиме убаво сончево време и голем број изненадувања и награди.– рече Точков.

Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви подароци и корисни препораки за правилна грижа заздравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

„ Ние како Стоматолошки Центар Д-р Баткоски ја поддржуваме хуманитарната природа на настанот и заедно со нашите соработници и партнери Фиа Фарм аптеки и годинава подготвивме многу забава, многу награди, изненадувања и секако во духот на нашата стоматолошка дејност подготвивме и совети за оралното здравје за кое морам да истакнам дека е многу важно да се всади кај дечињата од најмала возраст.– изјави Магдалена Блажеска од Стоматолошки Центар Д-р Баткоски.

Како новина оваа година во продолжение на хуманитарната акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, од 14 ч. на Градскиот плоштад посетителите ќе можат да уживаат во ROCK AND MOB со музички изведби на охридските бендови „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“

„Овој настан е по повод одбележување на Неделата на млади на Црвениот крст која традиционално се одбележува во периодот од 1-ви до 7-ми октомври. Во рамки на таа недела Клубот на млади при Црвен Крст го слави својот 29-ти роденден со организирање на настанот ROCK AND MOB. Овој хуманитарен настан не е само забава – тој е гест на поддршка, знак на љубов и доказ дека младите можат и умеат да создаваат позитивни промени во своите заедници. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите млади, сите волонтери и сите граѓани да бидат дел од овој ROCK AND MOB. – изјави Иво Георгиески – волонтер на Црвен крст Охрид.

Секој кој ќе купи учеснички број за настанот Посреќно детство станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 30 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и друго) чие извлекување ќе биде на 27-ми октомври.