Пецаков: Програма за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој живее во хармонија со своето езеро и културно наследство
-Горд сум на сѐ што успеавме да реализираме досега и да придонесеме за поквалитетен живот на сите охриѓани, кажа кандидатот за Градоначалник од ВМРО и Коалицијата Кирил Пецаков, на првата прес-конференција за изборите на кои ја бара довербата на граѓаните за втор мандат. Новата изборна програма ја најави како плод на темелна анализа, со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој живее во хармонија со своето езеро и културно наследство.
–Планираме реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“, изградба на уште една катна гаража и на Младински културен центар, уредување на кејот во Пештани и на градскиот пазар, проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места, инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи и поставување фотоволтаици за енергетска ефикасност, наброја Пецаков.
Најави воведување на градот во дигиталната ера со дигитализирани јавни услуги за документи, плаќање такси преку СМС, електронско поднесување разни барања и следење на статусот на предметите во административната постапка. Најави и формирање локален иновациски фонд за млади претприемачи и привлекување странски инвестиции во локалната економија.
–Нашата цел е чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе Советот на општина Охрид ја изгласа физибилити студијата. Продолжуваме со организација на редовни акции за чистење на езерскиот брег, поставување модерни корпи за селекција на отпад и засадување нови дрвја. Ќе работиме на заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води и ќе ги субвенционираме граѓаните за соларни панели. Во областа на туризмот, ќе ја промовираме нашата дестинација како одржлива и инклузивна. Ќе изработиме Стратегија за туризам 2025-2030, со фокус на еко, културен и авантуристички туризам, потенцира Пецаков.
Во сферата на културата Пецаков најави реконструкција на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ. Ќе продолжат постоечките Вино фест, Охрид Ватер Фестивал, Џез фестивал, а се планира воведувње и нови настани, како Фестивал на креативни индустрии. Пецаков се наврати на изминатите четири години и потсети дека задолжената општина со околу 14 мил. евра со финансиска консолидација за помалку од две години беше со одблокирана сметка. Додаде дека беше раздолжено ЈП „Нискоградба“ и финансиски стабилизирани останатите, со домаќинско работење за првпат, вкупниот број на вработени во сите јавни претпријатија и локалната
самоуправа беше намален за 70 лица.
-Овој успех ни овозможи да започнеме со реализација на капитални проекти кои беа само ветувања со децении, рече Пецаков и ги наброја училишната зграда за ООУ „Кочо Рацин“, спортската сала во Лескоец. Рече дека катната гаража веќе станува реалност, а во Трпејца започнаа градежните работи за прочистителна станица. Вкупно, за време на мандатот се асфалтирале повеќе од 100 улици и патишта во должина од 30 километри меѓу кои булеварот „Македонски Просветители“, улиците „7 Ноември“ и дел од „Гоце Делчев“.
–Од 10-те приоритетни проекти што им ги ветив на охриѓани, 8 се веќе реализирани или започнати. Докажавме дека можеме и знаеме да направиме промени. Овие успеси се резултат на заедничка енергија, транспарентност и одговорно управување. Нашата мисија не завршува тука. Ова е само почеток, а пред нас стојат нови предизвици и уште поголеми цели, – кажа Пецаков. Охрид не смее да застане. Охрид мора да продолжи да се развива, им порача Кирил Пецаков на охриѓани барајќи ја нивната доверба и за следните четири години.