Денес во Охрид ќе биде отворена изложбата на фотографии од Балканскиот рис во Културниот центар „Култ“
Денес, со почеток во 13:30 часот во Културниот центат „Култ“ ќе биде отворена патувачката изложба на фотографии од Балканскиот рис. Изложбата ќе биде достапна за разгледување до 21 октомври, по што ќе го продолжи своето патешествие во друг град.
-Како критично загрозен подвид кој живее само во регионот на Западен Балкан, со помалку од 50 возрасни единки во природата, балканскиот рис е под закана од загуба на живеалишта, криволов и ниска генетска разновидност, иако претставува незаменлив дел од природното наследство на регионот. Оваа изложба сведочи за неговото значење, истакнувајќи ја итноста да му се овозможи опстанок. Повеќето од изложените слики се направени со помош на фотозамки, како најкористен метод за теренско истражување на притаени диви животни, велат организаторите.
Патувачката изложба е во организација на Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“, а изложбата во Охрид се реализира во соработка со Културниот центар „Култ“ и Националниот парк „Галичица“.
