Доброволното противпожарно друштво “Ентузијаст – Дебрца” ќе добие противпожарно возило
Општина Дебрца доби донација противпожарно возило од противпожарната бригада од покраината Тирол, Република Австрија. Возилото ќе биде дадено на користење на новоформираното Доброволно противпожарно друштво “Ентузијаст – Дебрца”. Со ова се создаваат почетни услови за противпожарна заштита во општина Дебрца на поорганизирано ниво, што е основна заложба на локалната самоуправа години наназад, велат од општината.

„Целта на формирањето на ова здружение и целокупниот проект произлезе од тоа што територијата на Општина Дебрца е опфатена во најголем дел со шуми и поради климатските промени кои се во последно време се поизразени често доаѓа до пожари на отворено, па поради тоа ова возило ќе ни биде од голема корист на територијата на општината. Возилото е опремено со целокупна ПП опрема, во него се наоѓаат против пожарни комплети односно облека за доброволците на противпожарното друштво, исто така има противпожарни црева, пена за гаснење, боци за кислород, заштитни маски, значи во возилото има целокупна опрема која е потребна за почеток на функционирање на здружението.“ – вели Даниел Ристески од Општина Дебрца, координатор на прект за ПП заштита


Обучени и соодветно опремени волонтери за гаснење пожари на отворен простор се драгоцена помош на професионалните пожарникари од охридската единица која покрива огромна територија од Белчишта до Пешатни. Потребата од активна волонтерска служба која ќе делува при поголеми пожари е нотирана во Планот за противпожарна заштита на териториите на Охрид и Дебрца кој го изработи ТППЕ Охрид и која согласно планот работи на формирање и опремување доброволни друштва.

„Како општина подолг период размислувавме за подигнување на противпожарната заштита на територија на општина Дебрца па заедно со Командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски произлезе иницијативата за формирање на Здружението на волонтери Енрузијаст Дебрца кои воедно ќе бидат корисници на ова возило. Сакам да изразам благодарност до Командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски кој е и главниот носител на целокупниот проект и двигател за формирањето на Здружението и соработката со Австрија, значи целосната заслуга за донесување на ова возило е на командирот, општината е само помагател и координатор во целокупниот процес.“ – кажа Даниел Ристески.
Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст – Дебрца“ брои 15 волонтери. Во тек е нов проект од областа на противпожарната заштита во рамки на кој ќе се набавува опрема со што ќе се зголемат капацитетите на друштвото за дејствување.