1.000.000 денари за најдобрата бизнис идеја на првиот натпревар „Средношколец Милионер“
Средношколци од сите делови на државата до 26 октомври можат да се пријавуваат за главната награда за најдобрата бизнис идеја во Македонија – „Средношколец милионер“. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта, кои можат да се пријават самостојно, во пар или во тим до шест члена.

Од „Бреинстер“ информираат дека стотици средношколци од сите делови на државата веќе ја пријавиле својата идеја за главната награда за најдобрата бизнис идеја. Натпреварот има за цел да ја поттикне креативноста, иновативноста и претприемачкиот дух кај младите, како и да покаже дека добрата идеја може да започне во училишна клупа, а да заврши како успешна приказна.
Организаторите велат дека натпреварот ќе се одвива во 4 рунди, со почеток на отворениот повик за аплицирање на 1 октомври кој трае до 26 октомври, период во кој заинтересираните средношколци ќе можат да ги пријават своите идеи на страната milioner.mk. Од 27 октомври до 2 ноември ќе бидат селектирани најдобрите 50 идеи.
Пријавувањето е во тек на milioner.mk, а финалето ќе се одржи во организација на Brainster и NU High School Academy.