Skip to main content

При изведба на градежни работи поради невнимание урнат ѕид од куќата на Владо Малески која е заштитена како културно наследство

Куќата на Владо Малески не е само архитектонски објект, туку и симбол на македонската книжевна традиција и идентитет.
 |  инфодеск  | 

При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро во Струга, во сокачето на Миладиновци, срушен е јужниот ѕид од стара струшка куќа, заштитена како културно наследство. Објектот што се уривал не бил под заштита, но при изведба на работите не било водена сметка, при што дошло до обрушување на дел од земјиштето и кровот на спомен-куќата на познатиот поет и писател, автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“, Владо Малески.

Министерството за култура и туризам во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“  бр. 16 во Струга,  информира дека министерот Зоран Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки.

– Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029. При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување, велат од ресорното Министерство.

Куќата на Владо Малески не е само архитектонски објект, туку и симбол на македонската книжевна традиција и идентитет. Нејзиното уништување се гледа како загуба за целата држава, а не само за Струга.