Првото судење за пожарот во Кочани е закажано за 19 ноември
Главната расправа за кривично правниот – предмет поврзан со несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е закажана за 19 ноември 2025 година со почеток во 09:30 часот, во судницата во КПУ Идризово, информираше утрово Кривичниот суд во Скопје.
Од таму велат дека дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини.
Ниту еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени, не прифаќа вина за трагедијата, како што се товарат во обвинителниот акт.
Со обвинителниот акт се товарат 34 лица, и три фирми, во него е изнесен обемен доказен материјал – над 1.440 докази, а предложени се дури 283 сведоци за сослушување.