Skip to main content

Викендов започнува зимското сметање на времето

Зимското сметање на времето секогаш започнува последната недела во октомври.
 |  инфодеск  | 
Зимско сметање на времето

Ноќта меѓу сабота и недела, на 26 октомври, Македонија повторно ќе премине на зимско сметање на времето. Точно во 3 часот по полноќ, стрелките ќе се поместат еден час наназад, на 2 часот. Со тоа ќе добиеме еден час повеќе сон и ќе се означи враќањето на стандардното време

Оваа промена, која традиционално носи повеќе дневна светлина наутро, но и порано затемнување попладне, годинава ќе се случи најрано во последниве единаесет години. Последен пат стрелките се поместуваа на ист датум во 2014 година.

Практиката на поместување на времето не е од поново време, таа потекнува уште од Првата светска војна. Први ја вовеле Германија и Австро-Унгарија, со цел заштеда на енергија. Подоцна, оваа пракса повеќепати била укинувана и повторно воведувана на територијата на поранешна Југославија, за конечно да се применува без исклучок во 1983 година.

Со воведувањето на единствени прописи на ниво на Европската унија во 1996 година, целиот процес е стандардизиран, па така сите земји членки преминуваат на летно време последната недела во март, а се враќаат на зимско последната недела во октомври. Основната идеја била усогласување на сообраќајот, комуникациите и бизнисот во рамки на растечкиот единствен пазар.

И покрај долгата традиција, незадоволството од поместувањето на времето го достигна својот врв во 2018 година, кога Европската комисија спроведе јавно истражување во кое учествуваа дури 4,6 милиони граѓани на ЕУ. Резултатите покажаа дека дури 84 отсто од испитаниците се изјасниле за укинување на оваа пракса. Европскиот парламент во 2019 година изгласа укинување на сезонското менување на времето, со план последната промена да се случи во 2021 година. Земјите членки не успеаја да се усогласат околу клучното прашање: дали трајно да останат на летно или на зимско време. Додека некои земји, како Франција и Полска, беа наклонети кон трајно летно време, други, како Финска и Холандија, претпочитаа зимско.