Хорот АCordis при Црвен крст – Охрид отворен за прием на нови членови
Посебноста на Црвен крст Охрид се огледа во бројните програми и активности што поттикнуваат хуманост, солидарност, креативност и културно изразување кај луѓе од сите возрасти, а тука може да се вметне и делувањето на женскиот хор АCordis, кој на 11.11.2019 е формиран во Црвен крст Охрид на иницијатива на група долгогодишни хористки.
-Хорот го сочинуваат 12 хористки кои ги поврзува љубовта кон музиката и хорското пеење. Женскиот хор ACordis е спој на музиката и седумте принципи на Црвениот крст: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство, универзалност и кога би го превеле името, би значело акорди од срце, од душа, велат од Црвен крст – Охрид.
Од таму посочуваат дека со женскиот хор раководи диригент Биљана Николоска, магистер по хармонија, вработена во средното музичко училиште во Струга, како наставник по стручни предмети, со долгогодишно искуство како хорист и диригент, а на репертоарот на хорот се наоѓаат композиции за сечиј вкус, обработки на песни од народното творештво, црковни песни, композиции од домашни и странски автори. Хорот забележува значајни настапи во Охрид и пошироко за разни поводи.
Од Црвен крст Охрид додаваат дека хорот АCordis е отворен за прием на нови членови. Сите љубители на хорското пеење, кои сакаат да ги негуваат и развиваат своите гласовно-пеачки способности, добредојдени се на аудиција во просториите на Црвен крст Охрид, секој понеделник во 19:30 часот. Телефон за контакт 078 227 433.