Здружението „Ретко е да си редок“ објави дека во тек се подготовките за 8. сезона на националната кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ која традиционално треба да започне во февруари 2026 година.
-Оваа, 8. сезона, продолжуваме со нашата мисија: да го подигнеме гласот за сите лица со ретки дијагнози и нивните семејства. Во текот на 28 дена, повторно ќе ви претставиме 28 нови ретки болести, нивните предизвици, симптоми и можни решенија. Зошто е ова важно? За да ги запознаеме здравствените работници со нови дијагнози. За да им дадеме глас на пациентите и да ја промовираме солидарноста. За да поттикнеме системски промени. Вклучете се и вие! Секој споделен пост, секој прочитан текст, е чекор кон подобро разбирање, велат од здружението „Ретко е да си редок“.
Инаку, културно историските споменици и други објекти низ Охрид во текот на месец февруари ќе бидат осветлени во боите на ретките со цел подигнување на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат пациенти со ретки болести и нивните семејства, a докторите од здравствените установи од земјава изминативе десет години обработија 303 ретки дијагнози на македонски и албански јазик, кои се поставени на македонската википедија.