Skip to main content

Вечерва изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и охриѓанката Ема Димовска во Скопје

Изложбата ќе биде отворена до 8 ноември 2025 година.
 |  инфодеск  | 

Во Културно информативен центар во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и охриѓанката Ема Димовска.

Во интимниот свет на серијата колажи на Ивана Мојсовска Головска, просторот станува и засолниште и замка – псохолошки простор во кој фигурата ја преиспитува сопствената присутност. Во овие надреални сцени, блискоста и изолацијата се две лица на истата желба за поврзување. Свет што се шири до бесконечност, но во себе носи клаустрофобија.

Ивана Мојсовска Головска (р. 1993) е визуелен уметник чиј експресивен и експериментален пристап го дефинира нејзиното творештво. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство, каде што и денес живее и работи како независен уметник.

Нејзината практика опфаќа различни медиуми — сликарство, колажи, фотографија, инсталациja и сценографиja — преку кои таа често ја прикажува човечката емоционална комплексност во современиот свет. За неа, уметноста е начин за соочување со суровите и длабоко лични вистини на постоењето; нејзините дела ги изразуваат овие емоции преку апстрактни и експресивни форми, интензивирајќи ги чувствата на изолација и одвоеност. Во последните неколку години, Мојсовска го насочува своето внимание кон колажот — медиум што го истражува како простор на интимност, фрагментација и современа осаменост.

До сега има реализирано пет самостојни изложби, и има учествувано на повеќе од дванаесет групни изложби.

Серијата графики на Ема Димовска претставува визуелен запис на внатрешен процес во кој мислата се дели, набљудува и распаѓа. Формата не опишува, туку го анализира мигот на сопственото губење. Линијата и зборот делуваат како две свести што се одвојуваат и повторно се проголтуваат една со друга, создавајќи простор на постојано преклопување. Делата ја откриваат тензијата меѓу субјектот што создава и субјектот што е предмет на сопствено испитување. Таму, во меѓупросторот помеѓу волјата и распадот, уметноста се појавува како доказ дека секое „јас“ е процес, а не форма.

Ема Димовска, родена 1994 година во Охрид дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019 година, оддел графика. Ја добила наградата за најуспешно графичко дело на изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“ (2016). Учествувала на неколку групни изложби во земјава и странство.

Изложбата ќе биде отворена до 8 ноември 2025 година.