Охридскиот народен театар ги поставува вечните прашања вткаени во антологискиот текст на Ристо Крле „Парите се отепувачка“
Охридскиот народен театар го поставува на сцена неповторливиот антологиски текст на Ристо Крле „Парите се отепувачка“. Актерскиот ансамбл многу искрено, успешно и умешно ја обработува класиката во македонската драматургија во режија на Андреј Цветановски и ќе и понуди на публиката ново искуство исполнето со емоции и прашања. Ова беше посочено на денешната прес конференција по повод новата премиера на народниот театар.

„Парите се отепувачка ќе ја видите во една форма во која буди сериозни емоции, сериозни човекови вредности и дава многу убава порака. Претставата не е само продукт , реално е продукт на театарот, ама претставува една сериозна вистинска вредност во однос на заштита на едно живо национално богатство кое ние некогаш сме сакале дури и тенденциозно да не го профилираме, но напротив еве ние се потрудиве сериозно да истакнеме едно наше дело , македонско, важно дело на начин кој соодветствува со современиот свет.“ – кажа Горан Стојаноски – директор на НУ ЦК „Григор Прличев“ Охрид.

Направивме нов сценски прочит на еден од првите битови текстови во македонската драма, кажа режисерот Андреј Цветановски кому Парите се отепувачка му е петта премиера со Охридскиот народен театар.
„Се обидовме да направиме, според мене една античка трагедија на македонски начин. Главното прашање според мене во претставата е која е жртвата на човекот што оди на печалба и која е жртвата на семејството што го чека печалбарот. Мислам дека во таа теза, во тие прашања се обидовме да направиме претстава којашто мислам дека е емотивна и дека има одлични актерски остварувања и се надевам дека публиката ќе ужива. “ – кажа режисерот Цветановски.
Пиесата започнува со мислата „ Се случувало, се случува и ќе се случува насекаде каде што постои и додека постои капиталистичкиот строј “, потсети актерот Стрезо Стаматовски додавајќи дека Ристо Крле уште тогаш ја препознал монструозната моќ на капитализмот која се сливала од запад во тоа време.
„И сега ако треба да го префрлам сето тоа во денешно време во овој либерален капитализам во којшто живееме, каде што сме сведоци на тоа поради материјални добра брат брата убива па се до држава држава срамнува во името на среброљубието, во името на парите, на ресурсите, тоа како да нема крај и како да нема душа. Тој капитализам ги јаде душите на тие луѓе исто како на ликот Митре којшто го играм јас.“ – рече Стаматовски.

Стаматовски посочи дека неговиот лик е комплексен и дека низ целата претстава е вткаена една безвременска порака.
„Тој е татко, има неколку насоки во тој лик , родителот којшто го испраќа детето , го одделува од себе и го очекува секој момент да се врати, тоа е вториот дел целата трагедија на исчекувањето и онај третиот сегмент каде среброљубието му ја јаде душата на тој човек во името на „да се има повеќе“. Затоа што кога немаш ништо прво кое го посакуваш е она што ти е доволно. Тука е силата на човекот, да знае што му е доволно. Очигледно дека многу луѓе денеска не знаат што е доволно и секогаш се во потрага по повеќе.“ – кажа Стаматовски.

Адријана Билаловиќ – Тодороска изрази задоволство што ансамблот го оживеа еден од најзначајните текстови од редот на македонската битова драма, уште повеќе што авторот Ристо Крле е стружанец. Таа упати искрена порака до публиката.
„Ги поканувам љубителите на комедија во Охрид , бидејќи го знаеме клишето за охридската публика „ако не е комедија не доаѓам “, мислам дека е време да се скрши таа предрасуда затоа што веќе 14 години колку што постоиме како театар време е да се надмине, бидејќи е предрасуда ако мислиш дека само на комдија ќе си поминеш убаво. Ви ветуваме многу убаво искуство , ќе се наполните со плејада емоции и ќе си заминете дома исполнети. Можеби полни со прашања, малку тажни, малку среќни, ќе добиете едно прекрасно искуство. “ – рече Билаловиќ – Тодороска.

Македонците имаат посебен однос кон печалбарството, темата на Парите се отепувачка, бидејќи скоро секоја фамилија има барем еден член кој што заминал некаде во белиот свет во потрага по подобар и посреќен живот, истакна актерот Никола Тодороски.
„Јас го толкувам ликот на Софре којшто мислам дека е во една константна потрага по тоа каде е лимитот и каде треба да се престане, односно како што кажа Стрезо, секогаш ние сакаме нешто повеќе, нешто подобро, посилно , поинтензивно , но прашањето е каде е лимитот, каде треба да се стави граница. Мислам дека оваа претстава ќе биде ново искуство за нашата публика и се надевам дека ќе ѝ се допадне , а и ако не ѝ се допадне исто така е во ред затоа што работата на театарот е да поставува прашања.“ -рече Тодороски.

Ние уметниците често имаме тенденција да ги комплицираме и обременуваме работите , да додаваме и да прошируваме, рече актерот Филип Кипровски. Но потенцира дека режисерот ја ослободил претставата од сѐ што е одвишок и ја извлекол чистата есенција што било следено од актерите и техничката екипа.
„Уште од првата проба бев среќен што Андреј ја имаше извлечено есенцијата од текстот, успешно ги имаше скратено непотребните флоскули и додатоци, сето она што е филер. Се имаше позанимавано со она што вистински ги тангира проблемите оттогаш па и денеска се уште. Истото се провлекува и во изгледот на сценографијата, многу умшено и естетски мислам дека ја следи линијата што Андреј ја имаше замислено и ние сите заедно работевме на неа, ние како ансамбл работевме на некои основни емоции и односи претставени на поголема слика односно еден микросвет на едно семејство претставува поголема слика на едно општество тогаш ама и тие проблеми сѐ уште се провлекуваат до ден денеска.“ – рече Кипровски.

Во претставата игра и Марија Новак која го толкува ликот на Мара, мајката на печалбарот.
Сцена, костими и видео дизајн се на Сергеј Светозарев, а за музиката е задолжен Димитар Андоновски. Тон и видео проекции: Никола Јосифоски. Светло мајстор е Борис Велјаноски. Гардероба: Деса Лазороска, Линдита Мерко и реквизита: Соња Крстаноска, Маријана Николоска. Инспициент: Филип Ангеличин – Жура.
Премиерата и претпремиерата на „Парите се отепувачка“, закажани за 30 и 31 октомври, се распродадени. Следно на репертоарот претставата ќе се игра на 5-ти ноември. Претставата трае 1ч и 20 мин.