Исчезнува мирисот на зимницата. Се помалку домаќинките подготвуваат домашен ајвар, лутеница, расол, туршија. Пазарџиите во Охрид, велат од година во година им се намалува потрошувачката. Постарите генерации купуваат помалку, онолку колку што може да зготват, а младите воопшто не подготвуваат зимница, купуваат индустриска, или нарачуваат домашна.

-Секоја година се полошо и полошо. Нема, криза е. Со плати мали, пензии мали. На наши години прават, а младите готово, има по маркети, одат, земаат, вели една постара охриѓанка.
–Има разлика, и тоа голема од порано и сега. Младите не се тука, се разбегаат по светов. Се е запустено и нива и поле. Нема ништо. Ретко кој работи, вели еден граѓанин.
– Купуваат само во маркетите, кај нас послабо. Мислат ова дека е маркет, не знаат дека е пазар. Годинава е, мислам, послаба. Се е поскапено, – вели еден пазарџија.
-Може да се рече дека помалку сега се купува и се прави зимница. Не знаат ни да направат, чекаат на свекрвите или мајките, вели друг продавач во градскиот пазар.

Ако во минатото во есен секој двор мирисаше на топол ајвар, динамичниот живот комплетно ги промени нештата.
– Не правиме ајвар. Има 10 години не сме на работа никој. Свежи пиперки немаме купено, сто денари се килото, а не да купиме за зимница, вели една охриѓанка.
– Не правиме. Одамна не правиме, купуваме готово. Моментално таква е ситуација.
-Тешко за младите, многу се насочени кон маркетите на страна на готовите јадења.

Домашната зимница е повкусна и поевтина, велат постарите, а приготвувањето можност за дружба покрај огнот, но оваа традиција полека исчезнува.
Новинар Соња Рилковска