Skip to main content

Конституиран новиот Совет на Општина Охрид

Конституиран новиот Совет на Општина Охрид. Дваесет и тројцата нови избраници положија заклетва дека ќе работат согласно Уставот и законите во интерес на граѓаните. Советникот од ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски со мнозинство гласови е повторно избран за Претседател на Советот.
 |  Маја Савиќ  | 

Денеска беше конституиран новиот Совет на Општина Охрид. Со конститутивната седница претседаваше најстариот советник од новиот состав, Виолета Аврамоска.

По верификацијата на мандатите и свечената заклетва на советниците со мнозинство гласови за Претседател на Советот повторно беше избран Перчо Божиновски од ВМРО ДПМНЕ.

Заблагодарувајќи се за довербата, Божиновски рече дека повторниот избор не е само обврска да се продолжи туку и да се надгради се што во изминатите четири години е создадено со работа, визија и љубов кон Охрид.

„Продолжуваме таму каде што застанавме, со уште посилен фокус и уште поголема решителност. Ветувам дека има да бидеме Совет што ќе стои заедно со и до градоначалникот и има да ја носи одговорноста за секој чекор како што бевме, така има да бидеме отворени за сите и бескомпромисни кога се во прашање интересите на Охрид и охриѓани. Има да бидам претседател кој обединува, а не да дели. Совет кој работи за граѓаните, а не за дневна политика. Денес го обновуваме заветот дека ќе служиме чесно, отчетно и со целосна посветеност, со љубов кон нашиот град, со почит кон нашата историја и со храброст за иднината да продолжиме да го градиме Охрид како модерен, просперитетен и достоинствен град кој има да биде гордост за сите.– кажа Божиновски.

Мандатот на новите градски избраници им го честита градоначалникот Кирил Пецаков и им посака плодна работа и успешна соработка. Пред нас се четири години, четири нови буџети на општината кои што ќе бидат досега незапаметени во историјата на градот и со кои во соработка со советот ќе реализираме многу проекти кои суштински и стратешки ќе го променат Охрид, кажа во своето обраќање пред советниците , Пецаков.

„Сите работи кои ќе произлезат од барањата на граѓаните, односно и од поединци и од здруженија, но секако и од месните заедници ќе бидат и возможно е да станат дел од програмата на Советот односно од буџетот. Исто така ваша работа како советници и врз основа на тоа на сите оние граѓани кои што ви дале поддршка е да предлагате во соодветно време и сето она кое што ќебиде возможно да се стави во програмата и замислата на оваа локална самоуправа, секако дека ќе биде прифатено, јас сум отворен за предлози и радо би прифатил се што би го подобрило животот на граѓаните во Охрид. “ – посочи Пецаков.

Како и во изминатите четири години и во новиот мандат мојата канцеларија ќе биде отворена за секој советник за секоја идеја, забелешка, проект за подобрување на животот на граѓаните, порача Градоначалникот.

Во новиот состав на Советот на Општина Охрид има 13 советници од ВМРО ДПМНЕ, пет од СДСМ со коалицијата, два од ЗНАМ и по еден советник од Левица, Демократска партија на Турците и група избирачи Р. Хода.