Skip to main content

НУ Библиотека Григор Прличев

Детскиот фонд на охридската Библиотека збогатен со литература на англиски јазик

Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид доби донација на детски книги на англиски јазик од американската организација Darien Book Aid, посветена на унапредување на писменоста во светот.
 |  инфодеск  | 

Од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид информираат за нивната последна, но многу значајна донација на книги за деца на англиски јазик од волонтерска организација Darien Book Aid од САД, која инаку е посветена на унапредување на писменоста и образованието ширум светот.

-Оваа вредна донација е дел од проектот Storybook Studio, во кој активно се вклучени Дени Хамилтон, волонтер од Мировниот корпус на САД и Елена Станкоска од нашата библиотека,  кои заеднички работат на развивање на нови и креативни активности за описменување и учење англиски јазик за најмладите читатели, велат од Библиотеката.

Програмите кои се поврзани со реализацијата на овој проект ќе започнат наредната година, а ќе понудат инспиративен простор каде најмладите ќе учат, читаат и создаваат приказни на англиски јазик.

Од Библиотеката изразуваат благодарност до Darien Book Aid за нивната дарежливост и посветеност кон ширење на знаењето, како и до Дени Хамилтон – волонтерот од Мировниот корпус за нејзиниот ентузијазам, поддршка и пријателство.

-Благодарение на ваквите партнерства, нашата библиотека продолжува да расте како место кое инспирира, образува и ги поврзува културите преку книгата, вели Христина Трпеска, директорка на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.