Skip to main content

ОСУ “Св. Климент Охридски” – Охрид

Избрано ново раководство на гимназиската младинска заедница

ОСУ „Св. Климент Охридски“: Младинската заедница ќе продолжи да делува како посредник помеѓу учениците и училишната управа, поттикнувајќи отворена комуникација и партнерски однос во решавањето на секојдневните предизвици.
 |  инфодеск  | 

На првата конститутивна седница на Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, беа спроведени изборите за ново раководство на ова ученичко тело за учебната 2025/2026 година.

На изборите, учениците повторно му ја доверија функцијата претседател на Иво Георгиески, кој и минатата година успешно ја извршуваше оваа одговорна улога. За потпретседател беше избран Ангел Трајчески, а за секретар Зорица Стевоска.

-Новото раководство има за цел активно да се грижи за потребите и проблемите на учениците, да го унапредува ученичкото учество во одлучувањето и да овозможи простор за реализација на нови идеи и младински иницијативи. Младинската заедница ќе продолжи да делува како посредник помеѓу учениците и училишната управа, поттикнувајќи отворена комуникација и партнерски однос во решавањето на секојдневните предизвици, велат од ОСУ „Св. Климент Охридски“ .

Во текот на оваа учебна година, фокусот ќе биде ставен на активности што го поттикнуваат волонтерството, меѓусебната поддршка и развојот на младинскиот активизам во училиштето и пошироката заедница. Посебен акцент ќе се стави на подобрување на ученичката вклученост, организирање едукативни и хуманитарни акции, како и зајакнување на тимската работа и креативноста меѓу учениците.

-Нашата цел е секој ученик да биде слушнат, да почувствува дека може да направи промена и дека заедно можеме да изградиме училиште по наша мерка — по мерка на младите, изјави претседателот Иво Георгиески по изборите.