Skip to main content

Потоната едрилица во Охридското пристаниште повторно ја отвора темата за безбедноста на пловилата

Додека надлежните молчат и додека проектите за модерна марина постојано тапкаат во место, природата секоја година потсетува дека Езерото бара почит, пловилата бараат заштита, а Охрид заслужува пристаниште по сите стандарди. Граѓаните остануваат со едно прашање: колку вакви инциденти ќе видиме пред конечно да се изгради пристаништето што му е неопходно на градот?
 |  инфодеск  | 

Наши сограѓани ни испратија слики од охридското пристаниште, каде начекале лоша слика од потоната едрилица. Според нив, силниот ветер и високите бранови во Охридското Езеро повторно направиле штета, а ова не е прв случај пловен објект да биде оштетен или потопен во вакви услови.

-Силниот ветар и брановите во Охридското езеро се причина да потонуваат и да се уништуваат пловни објекти. Или можеби несовесно и неправилно закотвена едрилица? Или немањето на адекватна марина? Која и да е причината, глетката не е убава, велат нашите сограѓани.

За жал, проблемот дополнително ќе се продлабочи со најавените денови на обилни врнежи и нестабилно време, каде се очекуваат да наврнат дури и над 40 l/m² за 24 часа.

Веќе долго време се поставува и прашањето кога конечно Охрид ќе го добие пропишаното, современо и безбедно пристаниште – марина која ќе го штити флотниот капацитет и ќе овозможи уредно и сигурно закотвување на пловните објекти. Граѓаните нагласуваат дека ова не е само туристички или естетски проблем, туку и безбедносен, економски и еколошки.