Граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при подигнување на пратките од Тему или Али Експрес
Министерството за финансии информира дека усвоените измени и дополнувања на Законот за ДДВ нема да влијаат на начинот на кој граѓаните ги преземаат своите пратки од странствo. Пратките кои граѓаните ги порачуваат од ТЕМУ и досега имаа пресметан ДДВ во цената на производот. Истата практика продолжува и по измените на законот – ДДВ ќе остане вкалкулиран во цената на производот, како и досега.
-И по измените, ДДВ и понатаму останува пресметан во цената на производот. Граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци, ниту каква било нова обврска при приемот на пратките, информираат од Министерството за финансии.
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места.