Skip to main content

Излевање на реки и поплавени куќи во охридскиот регион

Поплавени десеттина куќи во селото Орман охридско. Нивите целосно под вода, мештаните отсечени од градот. Поради одрони и поплави затворен е дел од патот Охрид Свети Наум. Поплавени има делови во населбата Воска и  на улица Железничка.
 |  инфодеск  | 

Се излеа Коселска река. Десетина куќи во селото Орман под вода, со целосно уништена покуќнина. Поголемиот дел од нивите и пластениците се поплавени. Селото е отсечено поради  надојдената  вода.  Жителите велат не е временска непогода,  се работи за човечки фактор, дивоградби,  но и негрижа нередовно чистење на коритото и каналите.


Ние, верувајте, секоја година апелираме до ЦУК да се води рачун, посебно за оваа критична состојба,  на овај дел од Коселска река, некој несовесно  дали ќе пресечат врба или ќе падне врба, сето тоа така останува со години, пред десетина години малку се прочисти еден дел од овај ток на речново корито  на Коселска река, ние баравме до Косел, на неколку години, мора да се внимава до Косел колку толку да се оддржува речновото корито. Зошто, верувајте, никогаш при вакви, не беа големи дождови, бидејќи, никогаш ова не се случило на вакви релативно мали врнежи, вели Ванчо Стојаноски жител на Орман.

Родот во село Орман е потполно уништен, нивите и овоштарниците се целосно под вода. Жителите велат ќе поднесат пријави и тужби до сите институции.

Коселска река е рангирана како река од прва категорија. Не смее  да се чепка во неа, а имаме овој 300 метра ѕид скоро направен. Апел да надлежната  институцијата да се преиспитат случаи и ние сега ќе поднесиме како оштетени лица пријава, додава Стојаноски.

Поради одрони и поплави затворен е дел од патот Охрид Свети Наум. Поплавени има делови во населбата Воска и  на улица Железничка.

Од ЦУК велат значително покачени водостоите на реките; има излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.

Новинар Соња Рилковска