Skip to main content

Шест златни и три сребрени медали за охридски „Хваранг Фист“ на 5. коло од Таеквондо лигата

Охридскиот клуб „Хваранг Фист“ настапи со 11 натпреварувачи во три старосни категории – пионери, кадети и јуниори.
 |  инфодеск  | 

Во организација на Македонската Таеквондо Федерација (МТФ) и Таеквондо клубот „Корио“, викендов во Скопје се одржа 5-тото коло од Македонската Таеквондо лига, на кое учествуваа 250 натпреварувачи од клубовите членки на МТФ.

Охридскиот „Хваранг Фист“ настапи со 11 натпреварувачи во три старосни категории – пионери, кадети и јуниори.

Од пионерите, Ристе Ѓелески и Ева Милошоска се враќаат со по две победи и златни медали, Љубица Митреска по две поминати кола го освои сребрениот медал, а Теона Целеска со три победи во својата категорија го освои златниот медал и воедно беше прогласена за најдобра пионерка на колото. Во кадетска конкуренција, очекувано Петар Петкоски беше најдобар во својата категорија и освои златен медал, како и Емилија Целеска во својата група, додека пак Јана Спироска по две победи, во финале загуби со 2:1 и мораше да се задоволи со сребрениот медал. Кај јуниорите, Ѓорѓи Петкоски освои сребрен медал, додека Ненад Целески, Балканскиот шампион за 2025 без конкуренција освои златен медал и прогласен за најдобар јуниор на турнирот. Доротеа Најдеска и Максим Ристески не го поминаа првиот круг и покрај одличните борби загубија со 2:0 односно 2:1, информираат од клубот.

Нашите таеквондисти се враќаат од Скопје со вкупно шест златни и три сребрени медали, и нови бодови за клубот „Хваранг Фист“ во лигата.

Организаторите изразуваат благодарност до родителите и сите поддржувачи, како и до Општина Охрид за поддршката што им ја даваат.