Skip to main content

70 години постоење одбележа денеска Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид

Седум децении здружението делува во насока на овозможување на членовите да водат еден исполнет живот, да се развиваат и да го реализираат својот потенцијал во општеството. На пригодна свеченост по повод овој значаен јубилеј , 150 членови на здужението упатија порака Да не дозволиме попреченоста да го дефинира човекот како личност.
 |  Маја Савиќ  | 

Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид денеска одбележа 70 години постоење. Прославата на овој голем и значаен јубилеј е исполнета со емоции и гордост бидејќи низ изминатите седум децении низ делувањето на здружението направено е многу за правата и за подобрување на кавалитетот на живот на лицата со оштетен слух. Ова го истакна претседателот на Здружението, Александар Стевоски на денешната свеченост.

Денеска славиме успешна 70 годишна работа. Не е малку, самата бројка кажува многу. Се радувам што сме заедно да го одбележиме овој јубилеј и да покажам каква се програма имавме низ годините. Здружението брои 150 членови. Формирано е во далечната 1955 година како меѓуградско здружение на Охрид, Струга и Дебар. Со проширувањето се поделиле и функционираме како Здружение на глуви и наглуви лица на Охрид. Старата канцеларија ни беше во една стара барака покрај езеро кај рибарниците во 1982 год се преселивме во овие простории во кои сме денес и работиме 70 години, изјави Александар Стевоски – Претседател на Здружение на глуви и наглуви лица Охрид.

Славица Стефаноска, секретар на Здружението која 30 години е дел од него, вели дека тоа е дом каде членовите растат, живеат и ги делат сите радости и проблеми заедно како семејство.

-Сакам да им кажам посебно на младите како треба да изгледа работата на едно Здружение да не наследат но да не наследат вака, да го продолжат овој 70-годишен јубилеј со успеси, со дружби и со доживотни пријателства бидејќи ние не сме само здружение , ние сме пријателство што трае цел живот, во добро, во лошо, во радост и во ваква гордост, рече Стефаноска.

Здружението претставува значајна поддршка на лицата со оштетен слух во сите фази од животот како образование, вработување, пензионирање и при сите предизвици со кои се соочуваат. Исклучително важен сегмент од животот е социјализацијата, на кој се посветува посебно внимание преку организирање бројни настани и манифестации кои ги вклучуваат глувите и наглувите лица. Се е во насока на овозможување на членовите да водат еден исполнет живот, да се развиваат и да го реализираат својот потенцијал, вели Стефаноска.

– Имаше години посебно јас кога дојдов во Здружението сите беа невработени и навистина беа тешки годни кога работеше еден или ниту еден од семејството, меѓутоа постепено со менувањето на општествените услови и со нашата борба сега можам да се пофалам дека ние сме здружение во кое немаме ниту еден социјален случај, секој си има своја работа, своја професија, семејство, прекрасни деца, учествуваме на сите настани во општината, заедно се дружиме , одиме на заеднички одмори на заеднички патувања, се надградуваме. Покажуваме една поинаква перспектива на попреченоста и можност за развој, вели Стефаноска.

На денешната свеченост по повод јубилејот Здржението додели благодарници на своите поддржувачи и соработници меѓу кои и ТВМ Телевизија која од 2009 та година емитува Специјално издание на Дневникот прилагоден за лица со оштетен слух.