Денес започна пробниот период за проектот „Безбеден град“, граѓаните ќе се казнуваат од 1 јануари
Денес стартува едномесечниот тест период на системот „Сејф сити – Безбеден град, безбедна држава“. Новиот систем ќе ја преземе улогата на „електронски сообраќаец“: камерите ќе снимаат, компјутерите ќе препознаваат, а прекршочните налози автоматски ќе стигнуваат на телефон и мејл. До крајот на годината ќе трае пробниот период, во кој ќе се издаваат само опомени, а од почетокот на следната година ќе започне и изрекувањето казни.
–За прекршоците кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок, МВР му доставува СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на истото) со линк за преземање на Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог. Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка, велат од МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека проектот прво ќе се тестира во Скопје и уште два града, а од наредната година ќе се спроведува на целата територија на државата.