Skip to main content

Под мотото „Присутни секогаш во нашите заедници“, Црвен Крст Охрид денеска го одбележа Светскиот ден на волонтерството

На пригодна свеченост беа доделени признанија на заслужни волонтери и крводарители во знак на благодарност за благороден и несебичен ангажман во подобрување на животот во заедницата и помош на најранливите категории граѓани.
 |  Маја Савиќ  | 

Црвен крст Охрид традиционално го одбележа Светскиот ден на волонтерството 5-ти Декември. Денеска на пригодна свеченост им беа доделени признанија на заслужни волонтери и крводарители во знак на благодарност за нивниот придонес и значење за зајакнување на заедницата, но и за промовирање на волонтерството и поттикнување на институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации.

„На овогодинешниот Светски ден на волонтерство, под мотото „ПРИСУТНИ СЕКОГАШ ВО НАШИТЕ ЗАЕДНИЦИ“, акцент ставаме на нашите волонтери кои припаѓаат на сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на услуги на Црвен крст Охрид. Сакам да потенцирам дека Црвениот крст е отворен за добронамерни луѓе од сите возрасти кои својата емпатија, желба, цел и амбиција сакаат да ја посветат на нашите хуманитарни активности, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност, за помош на ранливите категории. – истакна во своето обраќање пред присутните на свеченоста Сашо Точков – Претседаел на Црвен Крст Охрид.

„Да се биде волонтер е нешто неописливо , тоа е благородна работа така што би сакал моето искуство да го стекнат и други нови волонтери во иднина, а јас да бидам тука да им кажам и да споделам моето искуство и знаење кое сум го стекнал како волонтер.“ – изјави Арсениј Ѓоршески – волонтер.

На одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството Црвен Крст го истакнува и крводарителството, оддавајќи признание на крводарителите, кои волонтерски, доброволно и без надомест ја даруваат својата најдрагоцена течност-крвта, за да спасат човечки животи. Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град.

„ Првиот пат кога дарував крв тоа беше за родилка на која и беше потребна крв и оттогаш навака можам да кажам 20 години редовно дарувам крв. Чувството е преубаво кога ќе подариш живот некому. На сите им порачувам , а пред се на младите да почнат да даруваат крв.“ – изјави Сашо Топалоски – Крводарител кој доби признание за 50 дарувања на крв.

На свеченоста Црвен Крст додели благодарници на установи и компании поддржувачи на организацијата и крводарителските акции. А советници и претседателот на Советот на општина Охрид кои изразија желба денеска имаа можност да волонтираат заедно со волонтери на Црвен крст Охрид подготвувајќи и доставувајќи хуманитарни пакети на дел од социјално загрозените семејства во Охрид.