Свечена академија во чест на Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид
Највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“, оваа година, постхумно се додели на истакнатиот охридски новинар, хроничар, публицист Владо Ангеличин –Жура. Годинава беа доделени пет повелби на: НУ „Завод и Музеј“ Охрид, на охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.
На свечена академија во чест на Св. Климент Охридски заштитникот на Охрид, синоќа во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија беа доделени највисоките општински признанија на заслужни граѓани и установи.
Наградата за животно дело оваа година постхумно му беше доделена на истакнатиот охридски новинар, хроничар и публицист Владимир Ангеличин Жура, кој почина во ноември во 78-та година од животот. Наградата ја прими неговиот син Филип Ангеличин Жура.
–Почитуван Градоначалник, почитуван митрополит на Дебарско-кичевската епархија, почитувани пратеници, драги охришани и гости, сите присутни во овој божествен и историски храм. Владо Жура како публицист и истражувач на минатото и голем љубител на Охрид да беше тука меѓу нас вечерва сигурно ќе се заблагодареше на за него својствен начин раскажувајќи некоја од легендите за Охрид , како таа за Кадмо на пример, или ќе не потсетеше како живееле охридските фамилии во минатото опеани преку песните за Деспина, Фросина, Зарина, опеани од тајфата на Климе Садило или ќе не потсетеше преку пишаните зборови на премудриот Прличе колку и како треба да се сака овој наш древен град или како што тој го нарекуваше старозамански Охрид. Во името на мојата фамилија ја примам оваа награда и упатувам голема благодарност до градоначалникот Кирил Пецаков, до членовите на комисијата, Перчо Божиновки, Тања Димовска, Горан Патчев, Горан Стојаноски, Славе Ѓорѓо Димоски, – кажа во своето обраќање Филип Жура.
Годинава беа доделени пет повелби на: НУ „Завод и Музеј“ Охрид, на охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.
Овде, на брегот на ова свето езеро, каде што времето не се мери со години, туку со милениуми светлина, во престолнината на духот Охрид трагата на еден титан – патронот Свети Климент е впишана во секој камен, во секоја икона, во самата суштина на Македонија, кажа во своето обраќање пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков. Неговото време беше доба на градење букви, градење цркви, градење народ. Нашето време е доба на одржување и заштита, да го одржиме коренот и да го заштитиме идентитетот што Климент со љубов го создал, рече Пецаков.
-Од оваа Света почва никнаа писатели, учители, свештеници, монаси и народни просветители, што ќе го понесат во срцето Словото што Климент го остави. А тоа Слово не беше само азбука, туку пат кон слободата на духот, пат кон самосвеста на еден народ. И денес, во нашево време на забрзаност и заборав, Свети Климент ни зборува од длабочината на вековите: „Не бегајте од Словото, зошто во него е спасението. Не бегајте од коренот, зошто од него живее дрвото.“ Неговите зборови звучат како да се напишани вчера, зошто тој го разбирал човекот во секое време. Кога го создал првиот црковен храм во чест на Свети Пантелејмон, го изградил не само од камен, туку и од вера. И токму таму, во таа Света Охридска лавра, каде што денес повторно се издига храмот, почива телото негово – но духот не почива. Тој и денес живее во секој ученик што ја љуби книгата, во секој учител што со љубов предава, во секој човек што го брани словото и достоинството, кажа во своето обраќање градоначалникот.
Свеченоста на која присуствуваа гости од дипломатскиот кор, претставници од верските заедници во државава, пратеници, советници, градоначалници на збратимени градови со градот Охрид и бројни граѓани беше заокружена со богата културно уметничка програма.