Четвртиот по ред еко пазар на „Училиштата без пластика” ќе се одржи утре, 20-ти декември од 12.00 часот во Охрид Мол. Пазарот на облека, обувки, книги и други предмети на втора рака е дел од напорите на програмата за подигање на свеста за опасностите од текстилниот отпад и негативните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина на брзата мода.
-Заради зголеменото производство на облека и олеснет пристап до нови парчиња на текстил, трендот е намален број на носења на облеката којашто ја поседуваме така што таа завршува многу побрзо по ѓубриштата, а во меѓувреме купувањето на нова облека е зачестен. Покрај совесното донирање, купувањето на облека на втора рака е еден од најефикасните начини со коишто како заедница можеме да придонесеме кон поодржлив начин на живеење. Еко пазарот има за цел и да ја намали стимгата во однос на носење на облека на втора рака и да промовира позитивни пракси за одржливо живеење коишто се секојдневие во развиените земји, велат организаторите.
Пазарот е организиран од Збогум Буково во соработка со Тексомак и Ј.П. Охридски Комуналец. Покрај можноста да се купи нешто уникатно, децата ќе имаат можност да учествуваат на креативна работилница за реупотреба на стар текстил и правење на еколошки, новогодишни декорации.
