Еуростат: Македонија трета во Европа по убиства на жени од партнер или член на семејство
Македонија е на трето место во Европа по бројот на фемициди односно убиства на жени од нивните интимни партнери. Ова го покажуваат податоците за 2023 година на Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската унија со статистички податоци на европско ниво-Еуростат, за бројот на фемициди во земјите членки и земјите кандидатки за членство.
Според извештајот, Македонија се наоѓа на трето место,веднаш зад Латвија и Литванија. Во Латвија во 2023 години е пријавена најголема стапка на фемициди и тоа 17 жени на еден милион жители, додека во Литванија од интимни партнери убиени се 10 жени на еден милион жители.
Во Македонија во истиот период на еден милион жители пријавени се 6 фемици. Зад нас е Босна и Херцеговина со 5 фемициди, па Австрија, Велика Британија и Украина со 4 убиства на еден милион жители. Во Малта нема ниту еден фемицид, а со ниска стапка се и Грција и Црна Гора, со по еден случај на милион жители.
Според податоците на Еуростат, во Европската унија стапката на убиени жени од нивните партнери е 4 жени на милион жители, додека за мажи е двојно помала и е 2,2 мажи на милион жители.
Согласно податоците од Министерството за внатрешни работи во периодот 2018-2023 година извршени се вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство и тоа: убиство (33 дела), убиство во обид (14 дела), телесна повреда (3.792 дела), тешка телесна повреда (155 дела), присилба (38 дела), загрозување на сигурноста (2.179 дела), против правно лишување од слобода (29 дела) и посредување во вршење на проституција (2 дела).
Според невладините организации за борба против семејно насилство, државата не одвојува доволно средства за помош на жртвите, нема доволно сместувачки капацитети, ниту стручна помош, па затоа голем број жени остануваат да живеат со насилникот.