Братислав Ташковски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за поетското дело „Темна Кутија”
За поетското дело “Темна Кутија” под шифра “Јас, малиот Тој“ Братислав Ташковски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема.
Братислав Ташковски е поет, романсиер, драмски писател и новинар. Роден е на 11 септември 1960 година, во Скопје. Ги објавил следните книги поезија: Прсти во облаците (1987), Бикови во мојот крвоток (1989), Опасна хартија (1991), Ангелот и жедната муза (1994), Демоника (1997), Мојот кинески меч (2001), Дом над домовите (2002), Попладнето на еден оптимист (2003), Песни од минатиот век (2004), Гола земја (2005), Големата љубовна песна (2006), Бегството од Ерусалим (2007), Само ангел – избор од поезијата на албански јазик (2007), Хаос под небото – избор од поезијата (2008), Окото на ангелот (The Eye of the Angel) – избор од поезијата на англиски јазик (2008), Зборови во напад (2009), Парчиња време (Парчета време) – избор од поезијата на бугарски јазик (2009), Заклучен во тишината (2010), Chaos under Heaven – избор од поезијата на англиски јазик (2011), Лоши песни (2013), Писма до ангелот (2014) , Другиот ангел (2015), Цртани жени (2017), Небесни разговори (2021), Затворање на кругот (Затварање круга ) – избор од поезијата на српски јазик (2021), За сите времиња (2023), Записи на идниот старец (2025).
Автор е на драмите Гола земја, Ноќ спроти Свети Никола (поставена на сцената на Народниот театар во Штип), Беше еднаш (поставена на сцената на Народниот театар во Струмица), Проектот Шишков и Ништо не е важно.
Ги објавил романите Ако даде Господ (2008), Кафез од гревови (2010), Расцепен ум (2011). Според овој роман е снимен играниот филм „Златна петорка“, посветен на стреланите струмички студенти, Актерот – роман за Ристо Шишков (2012) , Години од слама (2019). Автор е на книгата есеи Линија на усвитеност (2000). Автор е на сценариото за документарниот филм „Кој го кодошеше Ристо Шишков?“
Со делови од неговото поетскио творештво е преведен на руски, шведски, турски, црногорски, романски и русински јазик.
Добитник е на наградите и признанијата „Студентски збор“, „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката“ (Мито Хаџивасилев – Јасмин) и на „ Државната награда „23 Октомври“ , признание „ Поетска ноќ во Велестово“, признание „Битолски книжевен круг“.
Од 1999 до 2002 година бил претседател на Управниот одбор на поетската манифестација Струшки вечери на поезијата.
Застапуван е во многу антологиски избори од македонската поезија. Покренувач е и главен уредник на списанието за книжевност и култура АКТ.
Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев” за најдобра поема во 2025 година едногласно одлучи да ја прогласи поемата „Темна Кутија” под шифра „Јас, малиот Тој”. Наградата „Григор Прличев” за најдобра поема ќе биде доделена на главната манифестација Прличеви Беседи на 5-ти февруари 2026 година.