Македонија ќе добие кафилерија и гробишта за миленици
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Никола Миланов, во интервју за МИА најави дека институцијата работи на иницијатива за изградба на кафилерија и гробишта за миленици, со цел да се реши долгогодишен проблем поврзан со третманот на починати домашни животни.
Според Миланов, досега во пракса најчесто се случувало миленичињата по угинувањето да бидат оставани од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и комуналниот отпад, што претставува сериозен здравствен и еколошки ризик. Тој посочи дека ваквата состојба е недозволива и дека е неопходно системско решение кое ќе биде во согласност со европските стандарди.
Во однос на изградбата на кафилерија, Миланов информираше дека предлогот се разгледува уште од 2019 година, но досега не била утврдена соодветна локација за реализација на проектот. Како што нагласи, во тек се анализи за избор на локација која ќе ги исполнува сите законски, технички и еколошки услови.
Проблемот со бездомните кучиња, пак, останува еден од најгорливите. Според проценките, низ земјава талкаат повеќе од 8.000 кучиња без сопственик.
Во таа насока, веќе е подготвен нов закон за здравствена заштита на животните, кој опфаќа и конкретни мерки за справување со ова прашање. Текстот е усогласен по повеќе состаноци со 11 невладини организации, меѓу кои и Анима мунди и Лајка.
Законот предвидува казни за неодговорно сопствеништво, за шетање кучиња без поводник на јавни места, како и построги правила за големите и потенцијално опасни раси. Во процесот ќе бидат вклучени и ловечките друштва, а планирани се и јавни трибини со граѓаните и инспекторите од подрачните единици.