Skip to main content

По два месеци од конституирањето, Советот на Општина Струга сѐ уште не може да избере претседател

По два месеци од конституирањето, Советот на Општина Струга сѐ уште не може да избере претседател. Поради тоа, Советот е нефункционален во делот на раководење и усвојување одлуки, бидејќи формално нема лице кое може да ги води седниците и да ја координира работата на ова тело. Градоначалникот предупредува дека доколку продолжи бојкотот, можно е распишување нови избори.
 |  инфодеск  | 

Два месеци трае блокадата во Советот на Општина Струга. Советниците не успеваат да изберат претседател, поради што Советот е нефункционален. Вчера советниците од НАИ, МЕРКО  и СДСМ повторно не присуствуваа на седница по што пропадна обидот за избор на претседател.

Отсуството на претседател, оневозможува нормално функционирање на Советот, бидејќи нема кој формално да ја води седницата и да го координира донесувањето одлуки.

Градоначалникот Менди Ќира предупреди дека доколку опозицијата продолжи со блокадите, ќе се пристапи кон предвремени избори.


Доколку опозицијата продолжи со блокирање и методи кои го парализираат Советот, а кога ќе се исполнат законските услови, ќе се организираат предвремени избори за Советот на Општина Струга, за граѓаните да дадат заслужен одговор на ваквите политики. Заврши времето на блокадите и политиките од кои корист имаат само одредени поединци. Општина Струга ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните”, изјави Ќира.

Тој обвини дека советниците од НАИ, СДСМ и поранешниот градоначалник Рамиз Мерко формирале, како што рече, тајна коалиција со цел да се парализира работата на општината и реализацијата на проектите.


„Целта е да се блокира развојот на општината и благосостојбата на граѓаните. Со бојкотирањето на Советот, НАИ, СДСМ и Мерко покажаа дека не им се важни граѓаните и проектите, туку исклучиво личните интереси. Вчера советниците на антиграѓанската коалиција не присуствуваа на седницата со цел да не се усвојат буџетските програми, кои вклучуваат значајни проекти за 2026 година во вредност од околу 5 милиони евра. Опозицијата продолжува со агонијата“, рече Ќира.

Новиот состав на Советот на Општина Струга брои 23 советници – осум од коалицијата НАИ предводена од ДУИ, шест од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од „Вреди”, тројца од независни листи и по еден советник од СДСМ и Левица.

Новинар: Соња Рилковска