Skip to main content

Вечерва фасадата на охридската гимназија ќе се претвори во жива сцена преку 3Д мапинг музичко-сценско шоу „Ехото на Охрид“

Сценарио и режија на Илија Пиперкоски, а автори на видео-анимациите и 3Д мапинг се Јовица Смилески и Милчо Узунов.
 |  инфодеск  | 

Дворoт на гимназијата „Св. Климент Охридски“ вечерва од 18:00 часот до 22:00 часот ќе биде жива сцена на која ќе се случува аудио-визуелно инспиративно доживување — синергија од светлина, звук и архитектура. На фасадата на Гимназијата ќе бидат прикажани оригинални 3Д секвенци со динамичен ритам и прецизен мапинг, создавајќи современо искуство за сите возрасти. Сценарио и режија на Илија Пиперкоски, а автори на видео-анимациите и 3Д мапинг се Јовица Смилески и Милчо Узунов.

– Ова е приказ на чиста визуелно-музичка експресија која го слави моментот и просторот. Фасадата на гимназијата, со нејзиниот историски неокласицистички стил, симболично претставува „платно на минатото“ кое се трансформира во „портал кон иднината“. Со помош на два професионални проектори од 30.000 лумени, зградата ќе се „оживее“ преку 3D мапинг – колоните ќе станат стебла на животот, прозорците ќе се претворат во портали кон ѕвездите, а целата структура ќе пулсира во ритамот на музиката. Овде, ја адаптираме таа приказна за локален контекст, поврзувајќи ја со богатата историја на Охрид како центар на просветителството и културата, и ова е начин да се поврзе историјата со иднината, поттикнувајќи размислување за нашето место во универзумот, велат авторите.

Настанот е со поддршка од Општина Охрид, како музичко-сценски проект “Ехото на Охрид, од областа на културата, и е предвиден за публика. Шоуто ќе се прикажува од 18:00 часот до 22:00 часот, со репризи на секој час. Секоја проекција трае 45 минути, по што следи 15-минутна пауза. Проекциите се закажани за 18:00. 19:00, 20:00 и 21:00 часот (последната завршува во 21:45, просторот останува отворен за публика до 22:00 часот)