„Убавините на езерото, градот и спортот“ прва самостојна изложба на фотографии на Петар Паунче-Скитник
Утревечер во Охрид ќе биде отворена првата самостојна изложба на фотографии на Петар Паунче – Скитник насловена „Убавините на езерото, градот и спортот“.
Отворањето на изложбата е во 19:00 часот, во просториите на Младински центар Охрид, а промотор ќе биде режисерот Илија Пиперкоски.
Преку објективот на Петар Паунче – Скитник, ќе ја доживеете смеата, тагата, возбудата, мирот и пред сé љубовта кон малите и големите нешта што животот и природата ни го даваат.
Петар Паунче-Скитник е роден во Охрид, на 07.08.1974 година. Потекнувајќи од познато фотографско семејство, од мали нозе се запознава со убавината на светот гледана преку објективот на камерата. Низ годините преку своите фотографии успешно ја доловува смеата на непознатите туристи, моќта на езерските бранови, мирното пловење на едрилиците, упорноста на маратонците и водената игра на малите палавковци. Старата калдрма, и куќите коишто горделиво испишуваат историја, бројните цркви коишто како кралици се протегаат над езерската шир се бајковито пресликани преку малиот објектив на Скитник.
Изложбата е под покровителство на Општина Охрид.