Skip to main content

Општина Охрид ќе располага со историски најголем буџет во 2026 година

Општина Охрид подготвува историски најголем буџет за следната година, но опозицијата предупредува дека не се предвидени доволно средства за суштинските потреби на граѓаните и за заштита на животната средина.
 |  инфодеск  | 

Општина Охрид ќе располага со историски најголем буџет во 2026 година. Градоначалникот Кирил Пецаков вели дека станува збор за буџет од околу 2,4 милијарди денари, кој, според него, е резултат на позитивното финансиско работење во изминатите години и обезбедува стабилност и континуитет во реализацијата на капиталните проекти. Тој посочува дека зголемените сопствени приходи ѝ овозможуваат на општината да планира и реализира повеќе инфраструктурни зафати во
градот и населените места.

-И ако земеме 2021 г., Кога станав градоначалник и буџетот до сопствените приходи беше од 560 милиони денари, сега разговараме за четири пати поголем буџет.Јас би рекол дека не само што сум задоволен, туку позитивната насока на Општина Охрид, пред сè околу финансиите и начинот на кој што Општина Охрид се развива, добива средства и континуитет, се надевам дека и годинава ќе продолжи. Од останатите големи проекти кои што веќе сме ги започнале и со документација ги имаме решено, во тек е втората објава за катната гаража. Првата беше неуспешна, така што на почетокот на 2026-та се очекува да отпочне и оваа постапка. Отпочна изградбата оваа година на плоштадот од Кајчинаро. Едноставно, секоја година ќе продолжи начинот и динамиката на која што вложувавме буквално во секое едно населено место и село во Охрид, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

Од опозицијата, пак, со критики. Советникот Иван Димковски од СДСМ смета дека предложениот буџет не е развоен и дека со неговата конструкција не се предвидени доволно средства за суштинските потреби на граѓаните. Според него, недоволно внимание се посветува на заштитата на
животната средина и клучните инфраструктурни прашања, што, како што вели, директно влијае врз квалитетот на живот во Охрид.

-Прва генерална квалификација за овој предложен буџет е дека истиот не е развоен и дека со неговата конструкција не се предвидени доволно средства за суштинските потреби на граѓаните на Охрид. Конкретно, императив би го издвоил загадувањето и справувањето со загадувањето на воздухот во Охрид, односно заштитата на животната средина. Исто така, она што паѓа во очи и е еден од мотивите за гласање против овој буџет е намалувањето на средствата за издвојување за изградба на заштитни инфраструктурни објекти околу езерото, конкретно од аспект на прочистување, заштита на биодиверзитетот и генерално заштита на Охридското Езеро, вели Иван Димкоски, советник од СДСМ.

Буџетот за 2026 година беше една од темите  на дебата и спротивставени ставови на денешнава седница на Советот на Општина Охрид.