ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го одбележа патрониот празник
Општинскиот електро-машински училишен центар „Св. Наум Охридски“ Охрид со пригодна свеченост го одбележа својот патронат. Гордо го носиме името на Св Наум Охридски, симбол на знаење, мудрост и напредок. Нашата мисија е да ги следиме неговите идеали и да создаваме генерации млади луѓе подготвени да го носат духот на иновацијата и хуманоста во современиот свет, истакна директорот Сашо Недески во своето обраќање пред присутните ученици, родители, претставници на општината и на институции, соработници и партнери на средношколскиот центар.

– Ученици, вие сте нашата иднина и продолжение на оваа светла традиција. Вашите успеси се и наши успеси, а нашата цел е да ве поттикнеме, поддржиме и насочиме кон вистинските вредности. Денес не оддаваме почит само на Св Наум Охридски туку и на сите наставници, ученици и соработници кои низ годините придонеле за развојот и успехот на нашето училиште, – кажа Недески во обраќањето.

Успешноста на училиштето е заеднички резултат на учениците и на нивните професори, посочи Недески. Тој им додели признанија на најуспешните ученици кои освоија награди на меѓународни и државни натпревари и на училишниот конкурс по повод патронатот. За десет, дваесет и триесет години континуирана работа им се оддаде соодветно признание за нивната работа и придонес во развојот на училиштето на професорите Борка Секулоска Вретоска, Душко Савески, Виолета Никовска, Ива Стрезоска Кичеец, Љупчо Балески, како и на професорките Јулијана Петреска и Верка Јосифоска кои целиот работен век го поминаа во училиштето.



Училишниот центар во континуитет работи на подобрување на условите со цел создадавање на креативнаи безбедна средина во која со користење на современа образовна технологија обучува стручни кадри конкурентни на пазарот на трудот и идни инжинери. Пред нас стојат нови предизвици, индустријата 5.0, СТЕМ образованието и вештачка интелигенција, кажа Недески. Во фокусот не е само автоматизација и ефикасност туку зелена и дигитална транзиција со цел да се создаде индустрија која е отпорна, хумана и еколошки одговорна. СТЕМ (science, technology, engineering, mathematics) образованието не е само учење формули туку развивање на критичко размислување, креативност и решавање проблеми со цел да се подготват учениците за светот што доаѓа. Вештачката интелигенција веќе е основа на многу технологии околу нас од мобилни апликации до медицинска дијагностика и индустриска автоматизација, додаде Недески.
„ Тие веќе ја менуваат наставата овозможувајќи персонализирано учење, интерактивни содржини и виртуелни училници. Со гордост истакнуваме дека со поддршка од локалната самоуправа и МОН условите за учење во нашиот Центар се значително подобрени, а училиштето прераснува во модерен научен центар на целиот Југозападен регион. Голема е честа и одговорноста да сме дел од воспитувањето и образованието на младите кои се иднината на нашето општество. Нека Св Наум ни биде вечна инспирација и нека неговото име ја осветлува нашата патека кон знаењето.“ – кажа Недески.
Во рамки на одбележувањето на патрониот празник учениците ги презентираа стручните образовни профили на центарот преку демонстрации на нивни проектни задачи. Гостите имаа можност да ги разгледаат изработките и трудовите на учиниците од кои дел беа презентирани во новата модерна училишна работилница со современо уредени и опремени кабинети. Свеченоста беше збогатена со културно уметничка програма со музички точки, рецитали и драмска изведба од страна на средношколците, а се одржа и хуманитарна акција.










