Започна празничната еуфорија. Овој викенд во Охрид забележително е присуство на голем број туристи од Грција, Бугарија и Србија. Гостите кои Новата 2026 година ќе ја дочекаат на брегот нна Охридското Езеро пристигнуваат во среда, а најголемиот дел од нив користат тридневни аранжмани, додека дел од туристите ќе останат до недела.

Експертите велат и покрај зголемената посетеност, престојот е релативно краток.
„Во однос на празниците што следуваат по Нова година – Божиќ, Водици и Православната Нова година, не се очекува голем број туристи, но сепак ќе има посетеност на задоволително ниво”, вели Јаким Маленко, туристички работник.

На градскиот плоштад започна „Новогодишната охридска приказна”, но, според туристичките работници, за подолг престој на гостите потребно е проширување на понудата.
„Треба во иднина да размислуваме како Охрид да го направиме вистинска бајка, слично на божиќните базари низ европските градови. Со ваква приказна, со содржини во градот од ноември па сè до Водици и со програми што секојдневно би се одвивале, би имале многу поголем успех”, вели Јаким Маленко, туристички работник.
Со збогатување на празничните содржини, туристичките работници сметаат дека Охрид може да прерасне во атрактивна зимска дестинација.
Новинар Соња Рилковска