Со „лудата мачка“ младите танцуваат и умираат
Европа се соочува со нова дрога мефедрон, која уличниот пазар ја нарекува „Mad cat“
Во Европа се шири нова денс дрога, по дејството слична на екстази и кокаин. Се вика мефедрон, а на улица ја викаат „мјау-мјау“ или Mad cat, т.е. луда мачка. Легална е и може да се купи на интернет како средство за иницирање на раст на растенијата.
Прв пат се појави во втората половина на минатата година, кога ја регистрираше Националниот мониторинг центар за дрога.
Дилерите ја продаваат како прашок за шмркање или ставање во пијалоци. Во голема мера патот на оваа дрога и го има отворено ефтината африканска дрога хат – замена за кокаин, која во почетокот на минатата година, набргу по избивањето на економската криза, почна нагло да се шири во Европа.
Пазарни трикови
Мефедронот не е на пописот на забранети супстанции, но според експертите, типичен пример како се однесува викенд пазарот на дрогата: во лабораториите производителите дрогата ја „претвараат“ во нова дрога па дериватот не може да спаѓа во забранета категорија.
По големиот бум во Европа, дрогата хат е забранета во повеќе земји.
Со други зборови, во случајот на „лудата мачка“ авторите биле инспирирани од хемискиот состав на природниот кхатинон кој со закон е забранет, но неговиот хемиски брат не е инкриминиран…
Оваа дрога произведува еуфорична состојба, но без халуцинации, исто така резултира со чувство на отвореност, разговорливост и го намалува чувството на глад. Вака ја опишуваат оваа дрога криминалистите и токсиколозите. Телесните симптоми се гледаат во ширењето на зениците, црвенило, чешање и зголемено потење.
– Една доза делува од три до четири часа, а мамурлокот кој следи е релативно умерен, вели Томаш Паленичек, експерт за невробиологија и зависност.
Регистрирани се и споредни ефекти како што се главоболка, забрзан ритам на срцето, мачнина, дехидрираност, параноја…
Според ефектите, т.е. последиците кои ги опишуваат корисниците, сигурно е дека мефедронот најмногу го оптоварува срцето и дека неговата конзумација никако не може да се смета за безбедна, а посебно никако не смее да се комбинира со други дроги.
Во Велика Британија, иако не е сосема потврдено се смета дека мефедронот предизвикал неколку смртни случаи во кои бил комбиниран со марихуана и алкохол. Сепак, не е докажано дека самата дрога предизвикува смрт.
Мефедронот за сега е забранет во Шведска, Норвешка и Данска, земји познати по организација на здравството, спречување и лечење на наркоманија.
Експертите гледаат опасност и во тоа што мефедронот до сега сеуште не е доволно испитан.
До корисниците „лудата мачка“ главно доаѓа преку пошта во пакетчиња порачани преку интернет, каде се нуди како средство за забрзување на раст на растенија. Меѓутоа, мефедронот со цвеќарството и градинарството нема ништо заедничко.
{loadposition content9}