Првото новороденче во Охрид во новата 2026 година е женско
Првото новороденче во Охрид во новата 2026 година е женско. Мајка од Охрид во 1:17 часот по полноќ роди здраво девојче тешко 2800 гр и долго 50 см, со висок апгар скор. Анастасија е втора рожба на среќната мајка.

Дежурната екипа од гинеколошкото одделение на охридската општа болница на првиот ден во новата година породи уште две мајки, од Струга и Вевчани кои на свет донесоа девојчиња, нивни први рожби.

–Досега на нашето одделение во болницата се породени уште две новородени од женски пол со што се најавува една бериќетна и плодна година 2026та. На новороденчињата му посакувам среќно и безгрижно детство, на родителите им посакувам многу дечиња, на родилките побрзо опоравување. На персоналот на нашата болница им ја честитам Новата година како и на сите граѓани на Општина Охрид и да си ја поминат 2026 во добро здравје и благодет,изјави д-р Горан Маркоски – директор на Општа болница – Охрид
Традиционално, во посета на новороденчињата и среќните мајки беше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој им подели пригодни подароци и упати желби за добро здравје и среќа. Градоначалникот упатиа благодарност и честитки до тимот лекари и целиот персонал на Одделението за гинекологија за нивната деноноќна посветеност и професионалност. На охриѓани и на граѓаните на Македонија им посака многу дечиња.

– На првото новороденче, женско дете, му посакувам многу здравје, среќа, радосни моменти надополнети со мир и благосостојба и истото тоа му го посакувам и на Охрид и на Мкаедонија. Воедно како демографска политика она што е наталитет за што Македонија како држава се бори, на децата им посакувам братчиња и сестричиња, на мајките и татковците, на младите многу дечиња, а на бабите и дедовците многу внучиња и тоа е единствената приказна во која во наредниот период ние како држава треба да инвестираме, да се бориме и да вложуваме, порача градоначалникот Пецаков.
И годинава Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБС) ја продолжи својата традиција и на мајката на првото новороденче и подари детско седишта за во автомобил.

– Со тоа покажуваме дека е неопходно да се користат овие средства за безбедност во сообраќајот за малите деца. Ја користам оваа прилика да искажам голема благодарност досите институции, партнери посебно до Општина Охрид и СВР Охрид кои активно не поддржуваат во овие активности, истакна Гоце Пуроски – Претседател на СБС- Охрид.
На гинеколошкото одделение при охридската Општа болница во текот на 2025та година на свет дојдоа над 530 новороденчиња. Се надеваме дека оваа година бројката ќе биде поголема.



