Градоначалникот Менди Ќира денес ја посети мајката Милица и првото бебе родено во Струга оваа година.
–Надја се роди со тежина од 4.210 грама и во одлична здравствена состојба, заедно со нејзината мајка Милица, за која ова е трето дете. Овој радосен настан носи посебна симболика – нов почеток, надеж и радост за целото семејство, но и за нашата заедница, вели градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
Градоначалникот им упати искрени честитки и желби за добро здравје, среќно и бериќетно детство на малата Надја, како и многу љубов и радости во семејниот дом. На првороденото од име на Општина Струга тој му подари чек во вредност од 20 000 денари. Воедно упати благодарност до директорот на Болницата во Струга Владимир Бунчески и целиот медицински персонал на Гинеколошко-акушерското одделение, д-р Виолета Насуфи Расиди, раководител на одделението, како и до акушерскиот тим кој учествуваше во породувањето и грижата: главната акушерка Гордана Пејоска, дипломираните акушерки Снежана Миливојевиќ и Татјана Кутаноска и акушерката Марјана Петреска, посочувајќи дека нивната работа значи сигурност, доверба и нови животи во градот.