Извршени две редовни и четири вонредни контроли на „Усје“, не се утврдени неправилности во работењето
И покрај честите реакции на јавноста за загадувањето, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека при контролите во Титан Цементарница Усје не се пронајдени прекршувања на прописите. Од таму информираат дека во текот на 2025 година се извршени 6 надзори кај овој правен субјект, од кои 2 редовни и 4 вонредни инспекциски надзори од различни државни инспектори (последните вонредни беа реализирани во текот на ноември со инспектор за животна средина од Градот Скопје 18.11.2025 во 22:00 дo 00:30 и во декември на 18.12.2025 со инспектор за животна средина од Општината Кисела Вода), при што кај сите надзори не се утврдени неправилности во работењето кај овој правен субјект.
-Точно е дека УСЈЕ има 24/7 мониторинг, кој имаат посебен уред кој е од германска акредитирана лабораторија, не е во можност тие самите да си ги штелуваат бројките и тие извештаи тие ги објавуваат на нивната страна. За да бидеме потранспарентни, заедно со директорот и Министерот за животна средина правиме напори, прво меѓу нас се координираме за да можеме на правниот субјект, на некој начин да побараме информација од нив, таквите извештаи да можеме да ги гледаме паралелно и ние од инспекторатот и управата се со цел да сме потранспарентни кон граѓаните и сега и кон вас, медиумите, вели Ивана Гиновска од Државниот инспекторат за животна средина.
Бидејќи е утврдено дека УСЈЕ работи според Законот и правилата и нема основа за одземање на Интегрираната А дозвола, останува отворено прашањето како Владата ќе постапи по препораката на Советот на Град Скопје за дислокација на цементарницата.
-Ценам дека едно е она што ќе се донесе како одлука, препорака или ќе се усвои во Советот на град Скопје, но друго е како владата пристапува кон решавање на проблемите, како разговара за истите и кои се институциите кои што ќе треба да ги преземат соодветните мерки и постапки, за да дојдеме ние до било какво решение. Да, ние рековме дека доколку таа препорака стигне до владата, доколку тоа е заклучокот на советниците во градот Скопје, како Влада, ќе седнеме и ќе ги видиме сите можности кои ќе стојат на располагање, изјави портпаролката Марија Митева.
Инаку, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) до 20 декември 2025 година реализирал вкупно 1.700 инспекциски надзори за амбиентален воздух, при што се покренати четири кривични и над 30 прекршочни постапки, соопшти денеска директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска. Од вкупниот број контроли, 839 биле редовни, 532 вонредни и 329 контролни надзори. Инспекторите утврдиле 398 неправилности и за сите нив се издадени соодветни решенија во инспекциската постапка.