УХМР: Жолто ниво за предупредување од поплави
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде жолт метеоаларм за силен ветер и обилни врнежи од дожд во речиси целата држава, предупредувајќи на нестабилни и потенцијално опасни временски услови во наредните денови.
Од Секторот за хидрологија при УХМР предупредија на зголемен водостој на реките низ земјата. Поради обилните врнежи, висок водостој е регистриран на реките Вардар (особено во горниот тек), Радика, Треска, Сатеска, како и на повеќе нивни притоки. Забележана е брза реакција на врнежите, особено кај помалите реки и суводолници во западниот дел од државата, што отвора ризик од локални излевања.
Во текот на изминатите 24 часа во Охрид наврнаа 52 литри на метар квадратен.
–Денес врнежите ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h), информираат од УХМР.
Според УХМР, поради продор на постуден воздух од север и засилен северен ветер, утре врнежите од дожд ќе преминуваат во снег на повисоките места, но и во дел од пониските предели. На планините во западните делови од Македонија се очекува формирање нова снежна покривка, додека послаба снежна покривка е можна и во некои котлини и рамничарски подрачја.
Температурите ќе бидат во опаѓање.